4 мај

122 години од смртта на Гоце Делчев и 45 години од смртта на Јосип Броз Тито

На овој ден ги одбележуваме годишнините од смртта на Гоце Делчев, визионерот на македонското револуционерно движење, и Јосип Броз Тито, лидерот што ја обликуваше поранешна Југославија

Четврти мај е датум што носи историска тежина за Македонија, поврзан со две значајни личности кои оставиле длабок отпечаток врз политичката и социјалната историја на регионот. На овој ден ги одбележуваме годишнините од смртта на Гоце Делчев, визионерот на македонското револуционерно движење, и Јосип Броз Тито, лидерот што ја обликуваше поранешна Југославија.

Иако живееле во различни времиња и политички контексти, нивната мисија во суштина имала заедничка цел – слобода на народот. Гоце Делчев останува запаметен како бескомпромисен борец за независна македонска држава, неговата визија за автономија се базирала на идеалите на правото на самоопределување и отпорот против османлиската власт. Неговото дело, инспирирано од борбата за македонска независност, ја формира основата на модерната македонска политичка мисла.

Од друга страна, Јосип Броз Тито го обедини балканскиот простор под идејата за федерална Југославија. Неговата политика беше насочена кон поразот на фашизмот и национализмот, но и кон создавање на силен индустриски и социјалистички модел. Тито успеа да формира држава која, покрај сите противречности, обезбеди децениски стабилен баланс меѓу различните етнички и политички интереси во регионот.

И двајцата се бореа за ослободување на народот, секој во својата епоха и со своја стратегија. Делчев со оружје и револуционерни идеи, Тито со политика и државна структура. Нивните дела денес се дел од историското паметење, а нивното наследство продолжува да биде предмет на анализа и дискусија.

На денешен ден во 1903 година бил убиен Гоце Делчев – македонски револуционер, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Гоце Делчев денес е национален херој и се слави како еден од најголемите борци во создавањето на македонската национална држава.

Бил роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Во 1896 година учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО, а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

Делчев бил убиен на 4 мај 1903 година, во селото Баница, на пат кон Сер.

Неговите посмртни останки се чувале во Баница, по што биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Токму на 11 октомври пет години претходно, во 1941 година, започнало народното востание на македонскиот народ за ослободување од фашистичкиот окупатор. Овој ден се празнува како државен празник

Помеѓу најзапаметени изреки на Делчев се онаа дека го разбира светот како „единствено поле за културен натпревар меѓу народите“ и дека се бори за „слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население“.

Седумдесет и седум години по смртта на Делчев, на истиот ден во Љубљана починал доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија – Јосип Броз Тито, човекот кој изгради своја варијанта на социјализам среде Европа поделена од две спротивставени сили кои се борат за светска доминација. Тој несомнено беше една од најмаркантните личности на 20 век, не само на Балканот туку и низ земјите од двете страни на Железната завеса. Слично како и секоја истакната историска личност, овој комунистички лидер покренува многу различни мислења. Додека некои го гледаат како добронамерен диктатор кој изградил самодоволна социјалистичка империја среде поделена Европа без да се поклонува пред некој источен или западен лидер, други го гледаат како авторитарец кој користел политичко угнетување за да ја создаде сликата за мирна кохабитација меѓу народите длабоко се разликуваат по етничката и религијата.

Јосип Броз Тито е човекот кој му рече „не“ на Сталин. Тој беше единствениот странски претседател што запали пура во Овалната соба. Овој човек во својата летна резиденција ги пречека најистакнатите политички и јавни личности на 20 век, вклучувајќи го британското кралско семејство, Елизабет Тејлор, Софија Лорен и многу други.

Тито бил долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините вооружени сили и ја предводел Југославија во Втората светска војна. По војната бил премиер, а подоцна и претседател на државата.

Јосип Броз Тито бил еден од основачите и прв генерален секретар на Движењето на неврзаните – организација родена во текот на Студентата војна помеѓу капиталистичкиот Запад и социјалистичкиот Исток и во која биле обединети неколку земји што не припаѓале на ниеден од двата доминантни блока – НАТО и Варшавскиот пакт.

Погребан е на Дедиње во Белград, во „Куќата на цвеќето“. Неговиот погреб, според бројот на политичари и државни делегации, се смета за еден од најголемите во светската историја на дваесеттиот век.

Четириесет и една година по неговата смрт, личноста и делото на Јосип Броз Тито се подложни на спротивставени мислења. За едни тој е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот и голем надворешнополитички углед, а за други диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици.

Четврти мај останува датум што не само што потсетува на нивните дела, туку и повикува на размислување за концептот на слобода, независност и политичкиот развој на Македонија во рамките на историските текови. Нивните дела остануваат дел од историското паметење, а четврти мај е ден кој ги обединува нивните приказни во размислување за слободата, независноста и политичкиот развој на Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни