12. Mеѓународна ликовна колонија на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет

По повод Светскиот ден на лицата со инвалидност – 3 Декември, вечер во Порта Македонија ќе биде отворена изложба на слики од 12. Mеѓународна ликовна колонија на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија – Мобилност Македонија, која од 2 до 7 октомври оваа година се одржа во Охрид.

Изложените дела се изработени од академски сликари, академски сликари со телесен инвалидитет и талентирани лица со телесен инвалидитет од земјава и од Србија. Како што е најавено, изложбата ќе ја отвори министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија – Мобилност Македонија соопшти дека  низ годините создал традиција во организирање ликовни колонии и изложби.

„Целта за организирање на ликовните колонии е да се поддржи и поттикне уметничкиот израз кај талентираните членови – лица со телесен инвалидитет, да создадат правилна перцепција за ликовните и естетските вредности, развивање способност за препознавање и соодветно вреднување на уметничките изрази и појави од секојдневниот живот“, наведува Сојузот. 

Оваа колонија е единствена од овој вид во нашата држава која, како што истакнува Сојузот во соопштение,  „покажа дека уметничкиот потенцијал не знае за поделби и попречености и дека нејзиното организирање има претензии да покаже и докаже дека креативните потенцијали на лицата со телесен инвалидитет се многу поважни од предрасудите дека техничката изведба е најважна“. 

Извор: mia.mk

Најново

Последни колумни