Имам син. Девет и пол години. Многу се дружиме. Давам сѐ од себе да поминувам што е можно повеќе време со него. Она време кое популарно е познато како “quality time”. Многу важно време. Време во кое успевам детално да му раскажам многу приказни: историски приказни, фамилијарни приказни, современи приказни, а секако и измислени приказни. Приказните се самата есенција на нашиот дух и тело. Она што не држи да не се распаднеме и ни дава надеж да продолжиме напред, без разлика на апсурдот и омразата со кои сме опкружени. А малиот дружељубив, љубопитен, зборлест и што е највесело од се – забавен. Сака да се информира, да фантазира, да разбере, но и да донесува заклучоци. Се гледам себе си во него. Прецизно гледам колку енергија, трпение, внимание и љубов се инвестирани во мене, за да станам некој што еве може да пишува за Вас, на пример.
Пред некој ден имавме прошетка. Сериозен градски шетачки зафат, токму доволно време да минеме низ еден куп интересни теми, патем играјќи “игрици во вистински живот“. Знаете дека децата денес се навлечени на дигитални игрици, па се обидувам приказните и поуките да ги сервирам правејќи паралели токму преку нив. Ќе се збуните колку тие видео игри имаат силна врска со реалниот живот: перпетуални војни, чудовишта и разноразни накази, брзина на мислење и делување, развивање креативност, дриблање со зависност… Неверојатно е.
Рашетани на потегот спроти Трговски Центар, преку Вардар, покрај преубавите зданија на Скопје 2014 кои го затскриваат омразениот (во осумдесеттите години) модернистички објект на Македонската Опера и Балет, ја обработувавме темата за настанокот на современата македонска држава. Инспирирани од споменикот на Димитар Поп Георгиев Беровски на плоштадот, приказната ја зафативме од Разловечкото, Кресненското и Илинденското Востание, преку Балканските војни, првата и конечно Втората светска војна и настанокот на денешна Македонија. Обидувајќи се да бидам концизен, разбирлив и интересен за мојот девет и пол годишен син, не забележав дека тој подзастанал и ги гледа спомениците на нашите историски личности долж “Кралската улица“ (така од милост ја нарекувам променадата спроти Трговски, кај музите и зградата на Финансиската полиција). Малиот “севна“ сосем логично прашање: “Кои се овие луѓе?“
Навистина, кои се? Некои од нив препознавам па кажувам, некои не ги знам и морам да прочитам на железната табла на која уредно стојат сите имиња од таа, малку подалечна историја на ова подрачје. Нема табли со имиња. Нема ниту една. Во луда желба да прочитам барем едно име од железните плочки и негативна возбуда поради нивното отсуство, се вративме назад по патот се до другата страна на Вардар, преку мостот Око. Немаше ниту една плочка со име на ниту една личност. Искрено ме зафати длабока непријатност и со видлива тага му потврдив на малиот дека буквално сите плочки со имињата кои не интересираат се украдени. Веројатно некој ги украл за да ги продаде за старо железо. Впрочем таа криминална активност е сосем редовна појава во современа Македонија.
Малиот, така досетлив како што го дал Универзумот, ми вели: “Тато, значи ние толку многу сме се бореле во историјата за да имаме слобода и држава, само за да можеме да крадеме сега“. Каков поразителен заклучок. Да бидеме реални, крадењето кај нас, не завршува со таблите со историски имиња кои се препродаваат за старо железо. Тука само започнува.
Сепак ова не е приказна за крадењето, второто најомилено нешто на Македонецот по пустата желба “метеор да не удри“. Ова е приказна за татко и син, кои разговараат за тоа како Македонија станала наша и слободна држава. Затоа тука јас “севнав“ со мојот одговор: “Не тато, немаме држава за да крадеме. Ја имаме за да можеме јас и ти вака слободно да се шетаме, да си зборуваме на нашиот јазик и да си играме игрици во вистински живот и ако забележиме дека некој краде, да се обидеме со убав збор (еве оваа колимна), или добар пример, да им покажеме на нашите сограѓани дека не треба да крадат“. Тој ми вели: “Тато, а што е тоа добар пример“? Велам: “Тоа е кога правиш песни, градиш улици, згради и паркови, пишуваш приказни и не им дозволуваш да победат на оние што крадат.
Ви го честитам 11ти Октомври, дами и господа и ве оставам со мислата: што ќе беше ако оние шака луди – млади јунаци решеа да крадат, наместо да се дигнат против крвникот во Прилеп и Куманово не толку далечната 1941ва. Убав ден посакувам.