Најмалку 104 лица загинаа во поплави во село близу брегот на езерото Тангињика во источниот дел на Демократска Република Конго, соопштија денес локалните власти.
„Поголемиот дел од загинатите се деца и постари лица“, наведоа властите и додадоа дека 80 лица се повредени, а 150 куќи се урнати.
Поплавите се чести во ДР Конго, особено по должината на бреговите на Големите езера на истокот од земјата, опкружени со ридови ослабени од сеча на шумите.
Во 2023 година, поплавите предизвикаа смрт на 400 лица во неколку градови на бреговите на езерото Киву, во провинцијата Јужен Киву.
Се проценува дека во 2024 година, 6,9 милиони луѓе во западна и централна Африка биле погодени од обилни дождови и силни поплави, според податоците на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.
Демократска Република Конго, огромна земја со екваторијална клима и една од најсиромашните во светот, е особено ранлива на овие климатски појави поради неконтролирана урбанизација и недостаток на инфраструктура во градовите и селата.
Глобалното затоплување е исто така фактор, според експертите, кои веруваат дека екстремните временски услови ќе бидат сè почести на овој континент.
До 2030 година, дури 118 милиони многу сиромашни Африканци (со приходи под два долари дневно) ќе бидат изложени на суши, поплави и екстремни горештини.