103 години од раѓањето на Блаже Конески – кодификаторот на современиот македнонски јазик

Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во комисијата за азбука, учествувал во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик

Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) е најзначајната фигура на македонскиот 20 век. Филолог, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, преведувач, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, академик – прв претседател на Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ).

Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

Блаже Конески е роден во село Небрегово, Прилепско, каде живеел до својата осма година. Потоа, целото семејство се преселило во Прилеп и таму Конески учел основно училиште и нижа гимназија. Виши класови гимназија завршил во Крагуевац, а студиите по славистика ги започнал во Белград, а ги завршил во Софија 1944 година.По ослободувањето дошол во Скопје и развил богата културна и научна дејност.

Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во комисијата за азбука, учествувал во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).

Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет,а од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот. Во 1967 станал член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и бил нејзиниот прв претседател (до 1975). Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (1947) и негов прв претседател.

Покрај тоа, Конески бил член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго и Вроцлав.Конески, работел како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“, а бил и редовен соработник на списанието „Современост“, каде биле објавени негови песни и прилози, како: „Ангелот на Света Софија“, расказот К„рчмите“ (по кој била снимена првата македонска ТВ драма), и други текстови.

Освен со научна, Конески се занимава со творечка, препејувачка, есеистичка и критичка дејност.

Во 1945 г. се појавува неговото прво поетско дело „Мостот“, со мотив од изградбата на земјата; 1948 г. збирката „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства, карактеристични за првата фаза на повоената македонска поезија; 1953 г. збирката „Песни“, каде се свртува кон себе, кон својата интима.

Следуваат збирките: „Везилка“, циклусот „Стерна“, збирката раскази „Лозје“. Ги напишал и збирките песни: „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Цркви“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Небесна река“ и „Црн овен“.Конески беше почесен директор на неколку универзитети, а во негова чест, денес Филолошкиот факултет го носи името Блаже Конески.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни