Речиси 100 волонтери, вработени на Комерцијална банка, средношколци од Берово и Пехчево како и извидници, оваа среда, на 20 ноември, во Беровско, с.Будинарци ќе учествуваат во најголемото европско волонтерско пошумување на опожарени површини со популарната Боренка. Ова воедно е и прва акција од 3-та сезона, а 13-та по ред акција за пошумување во програмата Боренка, која годинава се одржува трета година по ред. Акцијата за пошумување ќе се одржи на 20 ноември среда со почеток во 10:00ч.
Оваа среда на Боренка ќе учествуваат претставници од Сојуз на извидници на Македонија, шумари и експерти од Национални шуми, подружница Берово, ученици и наставници од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово и нашите Зелени поБОРници, волонтери од Комерцијална банка, кои ќе посадат 6000 садници на површина од 2 хектари опожарена земја.
На настанот на сите волонтери им се обезбедени садници, работни ракавици, алат за садење, стручен надзор од експерти од Национални шуми, вода, храна и овошје.
До сега Боренка има посадено повеќе од 55.000 садници, вклучено повеќе од 2000 волонтери, пошумено 13+ хектари опожарена површина, а во над 80 едукативни работилници беа вклучени повеќе од 10.000 деца од повеќе од 40 основни училишта низ земјава.