Последната деценија донесе значајни научни откритија и иновации кои го менуваат здравјето на жените ширум светот. Од нови репродуктивни технологии и контрацептиви до подобри дијагностички методи и поголема свест за менструалното здравје, истражувањата отворија нови можности за подобра грижа и поголема автономија на жените.
Експерти од меѓународни научни тела издвојуваат десет клучни достигнувања кои, според нив, најсилно го обликувале развојот на здравјето на жените во последните десет години. Иако листата не е целосна, таа ги покажува најважните насоки на напредок – но и предизвиците што сè уште постојат.
Револуција во асистираната репродукција
Технологиите за асистирана репродукција значително напредуваа. Избор на ембриони, генетското тестирање пред имплантација и селекцијата на ембриони со помош на вештачка интелигенција ја унапредуваат прецизноста на ин витро оплодувањето. Сепак, научниците предупредуваат дека потребно е внимателно следење на ефективноста и безбедноста на овие методи.
Брзиот раст на femtech технологијата
Технологијата насочена кон здравјето на жените позната како femtech бележи експлозивен раст. Пазарот би можел да надмине 100 милијарди долари до 2030 година. Засега најмногу се користат апликации за следење на циклусот и плодноста, но потенцијалот е многу поголем, особено за достапни здравствени решенија во посиромашни земји.
Поголема свест за менструалното здравје
Во последните години значително се зголеми свеста за проблемите поврзани со менструацијата. Во некои земји, санитарните производи станаа бесплатни, а се воведоа и политики кои ги штитат правата на жените на работното место кога имаат силни симптоми.
Нови терапии и внимание кон менопаузата
Менопаузата долго време беше тема за која ретко се зборуваше. Денес се развиваат нови терапии и лекови кои им овозможуваат на жените подобро управување со симптомите и подобар квалитет на живот.
Повеќе избор во контрацепцијата
Новите контрацептивни методи – како долготрајни инјекции, лепенки и нехормонални интраутерини уреди – им даваат на жените поголема контрола врз сопственото тело и репродуктивни одлуки.
Контрацепција и за мажи
Истражувањата се прошируваат и кон развој на машка контрацепција. Во развој се хормонални и нехормонални методи за мажи, како и технологии кои истовремено штитат од повеќе ризици, како бременост и инфекции.
Голем напредок во борбата против HPV
Подобрените вакцини, скрининг тестови и дијагностички технологии го доближија светот до можноста за елиминација на HPV – вирусот кој предизвикува рак на грлото на матката. Сепак, предизвик останува нееднаквата достапност на вакцините и скринингот.
Самостојно тестирање и нови дијагностички методи
Методи како само-превземање примероци за тестирање значително го зголемуваат опфатот на скрининг, особено кај жени кои немаат лесен пристап до здравствени услуги.
Вештачка интелигенција во мајчиното здравје
Ултразвучни технологии со помош на вештачка интелигенција овозможуваат попрецизно следење на бременоста, растот на фетусот и позицијата на бебето. Овие методи имаат особено големо значење за земјите со ограничени здравствени ресурси.
Поголема борба против родово базираното насилство
Многу земји воведоа нови закони и програми за спречување на родово базираното насилство и поддршка на жртвите. Сепак, експертите предупредуваат дека напредокот е кревок, а последиците по менталното здравје на преживеаните остануваат сериозен глобален проблем.
И покрај напредокот, предизвиците остануваат
Иако последната деценија донесе значајни подобрувања во здравјето на жените, експертите предупредуваат дека закани како дезинформации, дигитално насилство, војни, климатски промени и цензура можат да го забават или дури да го поништат напредокот. Начинот на кој општествата ќе се справат со овие предизвици ќе ја одреди иднината на здравјето на жените во следните десет години.
Извор: The Lancet