Десетгодишно девојче е тешко повредено откако било погодено од заталкан куршум во двор од куќа во селото Глумово, во општина Сарај, информираат од СВР Скопје.
Според пријавата, на 31 јануари 2026 година околу 16:00 часот, во полицијата било пријавено дека детето било погодено во пределот на ногата од заталкано зрно додека се наоѓало во дворот на семејната куќа.
Повреденото девојче итно било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде лекарите констатирале тешки телесни повреди.
Од СВР Скопје соопштуваат дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на околностите под кои дошло до пукањето.
