10 години од првата нарачка на храна за дома: „Кликни Јади“ ја смени навиката во Македонија

Во време кога дигитализацијата сѐ повеќе навлегува во секојдневниот живот, платформите за онлајн нарачки и достава стануваат неизбежен дел од урбаната динамика. Една од првите компании во Македонија што го препозна овој тренд е „Кликни Јади“. Основана пред 10 години како семеен бизнис, денес таа е препознатливо име во индустријата за достава на храна. Разговараме со Биљана Крстевска Симиќ, оперативен менаџер во „Кликни Јади“ и со Петар Коневски, доставувач во „Кликни Јади“ од неговите почетоци.

Биљана Крстевска Симиќ, оперативниот менаџер на платформата објаснува дека „Кликни Јади“ се стреми да ја подобри корисничката услуга, како за клиентите, така и за доставувачите. „Нашата цел е да ја направиме нарачката на храна што е можно поедноставна и поефикасна. Инвестираме во подобрување на апликацијата, зголемување на бројот на партнери и оптимизација на процесите за достава. Сакаме корисниците да добијат квалитетна услуга во најкраток можен рок.“

Трн: Како започна приказната за „Кликни Јади“?


Биљана: „Кликни Јади“ е семеен бизнис што настана од една едноставна, но иновативна идеја – да се подобри начинот на живеење преку олеснување на секојдневните потреби. Пред 10 години, во рамките на една семејна дискусија, увидовме дека во Македонија постои потреба од ефикасен систем за достава на храна. Почнавме со мал тим од пет луѓе, главно членови на семејството, со цел да го направиме овој концепт достапен за клиентите и рестораните.

Биљана Крстевска Симиќ, оперативен менаџер

Трн:  Кои се најголемите достигнувања на „Кликни Јади“ досега?

Биљана: Нашиот најголем успех е што веќе 10 години сме лидери во оваа индустрија во Македонија. Освен тоа што овозможуваме брза и сигурна достава на храна, воведовме и нови услуги како дигитално мени и резервација на маси во ресторани.

Трн: Што е следно за „Кликни Јади“? Кои се плановите за иднината?

Биљана: Технологијата постојано се менува, а ние сакаме да останеме чекор напред. Моментално работиме на нов систем за резервација на маси и дигитално мени, што ќе им овозможи на клиентите уште поголема удобност и контрола при нарачките. Во наредните години, целиме кон проширување на услугите и можеби дури и излегување надвор од границите на Македонија.

Доставувачите се клучниот дел од оваа приказна, бидејќи тие се оние кои ја претвораат дигиталната нарачка во реалност. Петар, кој веќе десет години работи како доставувач за „Кликни Јади“, споделува дека оваа работа му нуди голема флексибилност. „Можам да си го организирам времето како што ми одговара, а тоа ми овозможува да ги комбинирам работните обврски со приватниот живот. Има денови кога е навистина динамично, но ми се допаѓа што секоја тура е ново искуство. Плус, добивам можност да се запознаам со многу различни луѓе.“

Тој истакнува зошто се одлучил за овој тип на работа, дека за него оваа работа е всушност подвижен келнер и културата во компанијата и тимската работа е она што најмногу го мотивира.

Трн: Што е најважно за да бидеш успешен во оваа работа?

Петар: Културата на работа е најважна. Треба да бидеш културен, брз и комуникативен. Сето тоа се сведува на добра услуга за клиентите.

Петар Коневски, доставувач на храна

Трн: Каква е атмосферата во компанијата? Работите како тим?

Петар: Да, работиме тимски. Постои комуникација меѓу сите сектори: диспечерите, сметководството,  менаџерите и сите останати. Сите сме фокусирани на истата цел – да им го понудиме најдоброто искуство за клиентите, навремени достави и безбедни услуги.

Трн: Која ти е најчудна достава што ја направи?

Петар: Една од најинтересните достави беше кога бев Дедо Мраз. Секој Божиќ, пред новогодишните празници, организираме новогодишни пакетчиња. На еден католички Божиќ, околу 6:00 часот попладне, носам пакетчиња. Кога стигнав во еден двор, малиот дечко ми кажа: “Дедо, каде е санката?” Му покажав на прозор, и тој вика: “Тато, треба да се облечам за да му бидам помошник на Дедо Мраз!” Тоа беше навистина прекрасно искуство, ќе го паметам засекогаш.

„Кликни Јади“ не е само платформа за достава, туку пример за тоа како со упорност, иновација и адаптација кон пазарот, еден семеен бизнис може да прерасне во лидер во својата област. Со постојани подобрувања и следење на глобалните трендови, компанијата ја гради својата иднина во дигиталниот свет на угостителството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни