На денешен ден, 15-ти декември 2014 година на само 44 години почина големиот, современ поет, прозаист, преведувач и уредник, Игор Исаковски.
Роден е во 1970 година во Скопје е роден. Работел како радио и ТВ водител д 1991 до 1999 година и потоа од 2001 од 2003 година .Тој бил основач и директор на културната установа „Блесок“, а работел и како главен и одговорен уредник и веб-мастерот на истоименото списание. Исто така бил уредник на списанието на Независните писатели на Македонија, „Наше писмо“. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, а магистрирал на Средноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии).
Објавени книги: „Писма“ (роман, 1991), „Црно сонце“ (поезија, 1992), „Експлозии, трудна месечина, ерупции…“ (раскази, 1993), „Вулкан – Земја“ (поезија, 1995), „Небо“ (поезија, 1996, 2000), „Гравири – Blues говорница“ (многу куси текстови, 2001), „Песочен часовник“ (раскази, 2002), „Длабоко во дупката“ (поезија, 2004), „Пливање во прашина“ (роман, 2005, награда „Прозни мајстори“, 2005), 2Blues говорница II“ (2006, Годишна награда за најдобро графичко решение на печатена книга, 2006), „Стажирајќи за светец“ (поезија, 2008), „Ноќта е најтемна пред разденување“ (поезија, 2009, Награда на Белградски фестивал на поезија и книга, 2010), „Вулкан – Земја – Небо“ (поезија, 2010), „Љубовна“ (поезија, 2011), „Смртта има коса од морска трева“ (поезија, 2013), „Дека да“ (поезија, 2015).
Исаковски преведувал поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, словенечки, српско-хрватски-босански-црногорски. Во негов превод, на македонски јазик се објавени 60 книги, меѓу кои оние на: Алеш Дебељак (2), Лудвиг Гиц, Марија Тодорова, Душан Гојков, Клод Фримен, Роберт Млинарец, Јосип Ости (8), Рони Сомек, М.Т.Ц. Кронин, Горан Глувиќ, Томас Шапкот, Џек Галмиц, Герит Бусинк, Ханс ван де Ваарсенбург, Том Петсинис (2), Сибила Петлевски (2), Хенк ван Керквијк (Дејвид Винвуд), Павле Горановиќ, Предград Луциќ, Хенри Милер, Оља Савичевиќ Иванчевиќ, како и една антологија на црногорската поезија.
Исаковски уредил четири антологии; „Шест македонски поети“ / „Six Macedonian poets“, (објавена од „ARC Publications“, Велика Британија, 2011), како и два CD-ROM-а.
Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.
На 18 септември 2015 година, во клубот МКЦ, посмртно била промовирана 11. збирка поезија на Исаковски „Дека да“.
Во чест и сеќавање на поетот Игор Исаковски, човекот што ја означи генерацијата современи македонски писатели и го креираше ритамот и духот на времето во кое твореше, на 15 декември се одржа поетско читање наречено „Ти пишувам од сржта на тишината“.
– На десетгодишнината од неговото физичко заминување, се собираме за да го славиме поетот и неговите стихови. Животот е краток, но уметноста е бескрајна. На Игор животот сосема добро му прилегаше, но бесмртноста му прилега уште подобро – велат организаторите на настанот.
На настанот поезијата на Исаковски ја читаа Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Александра Димитрова, Елизабета Шелева, Сузана Спасовска, Валентина Бактијаревиќ, Џабир Дерала, Ана Голејшка Џикова, Билјана Црвенковска, Никола Гелевски, Ива Петреска, Бранислав Николов, Илинка Делчева, Ѓоко Здравески, Владимир Мартиновски, Марко Кочишки, Биљана Стојановска, Славица Диневска, Тони Димков, Павлина Атанасова, Елизабета Баковска, Љупчо Јолевски, Ненад Стевовиќ, Долорес Атанасова-Лори, Ана Зафирова…
Сеење на смеата
ги отворам сите врати за здивот да влезе
ги откривам линиите на вратот и ушните школки
ако од нешто
некогаш бидам пијан додека е таа тука
тоа ќе биде од тој мирис
на мека врелост и вечна дивина
таа ја исполнува собата со зборови
со воздишки ја бои ја нервира
што ѝ се допаѓам
јас пливам во длабоката река
по линијата на нејзините дланки
би сакал никогаш да не откријам
некое устие освен устието во мене
на тие нејзини длабоки реки
на тој оган што ме држи што ме води
кон мене проклето свесен за крајот
што чека зад аголот на некоја од овие улици
добри духови ми ги растргнуваат градите
„тие ни даваат вода место пиење”
ја слушам вели
остануваме будни за подобро да се запомниме
и ако некогаш бидам пијан тоа ќе биде
од човечкото во неа
времето минува крај нас
како говор на туѓи луѓе
неговите удари нѐ скокоткаат
и ние ја сееме нашата смеа
по улиците на нејзиниот град
добрите духови летаат таму кајшто сме
низ нејзиното име и моите усни
во нашите здивови што се мешаат
како бои што го слават животот
во изгрејсонцето
се бакнуваме скриени
зашто таков бакнеж може
да го полуди и светот и небото
се бакнуваме под сводот на вековите
како злосторници пред самоубиство
ја вшмукувам ја лижам
во концентрирана безнадежност
додека времето не удри за последен пат
и нашите тела не се распрснат
во вечна смеа