10 дена Крушевска Република

Не минаа ниту 7 (седум) цели дена од Илинденското востание и ослободувањето на Крушево, а ние се осипавме наоколу. Само што гордо и непоколебливо ја прогласивме првата република на Балканот, веднаш се растуривме секој на своја страна. Голем дел од комитите традиционално се вратија во удобноста на скутот на братска Бугарија, комотно испружена во долгата и длабока пан-словенска сенка која ја фрла пријателска Москва. Се наздравува со чаша пелин во чест на рускиот конзул (во Битола нели:) кој уредно однапред го пријави востанието пред Портата и пред толку посакуваниот: “СУЛТАН-от да се врати“.

Другите комити (сите сме комити овде), неволно се обидуваат да ги задржат заинтересирани големите сили за геостратешката релевантност нѝ и прапочетноста светла наша. Се туфкаат и пуфкаат обидувајќи се на незаинтересираниот, неписмен и голорак народ, да му ја објаснат доктрината на развојот и напредокот како основни алатки за опстанок. Килава работа е тоа. Овие денови, во очите, ушите и она малку мозок со кој актуелниот Македонец располага, зборот прогресивен има априори силно негативна конотација. Македонецот се колне во Гоце, Даме, Питу, Ченто…. луѓе кои биле неверојатно прогресивни за своето време и буквално ги дале своите животи за сопствената прогресивна визија, но историската неписменост и отсуството на контекст, го тера нашиот “вљубеник во татковината“, денешните прогресивци да ги линчува (засега само) по социјалните мрежи.

Да, историска неписменост. Тешка болест, тешко излечива. 100% терминална. Резултат на неколку децении папагалско повторување на датуми, години, погрешно посадени конструкти и катарстрофални толкувања. Убаво би било да учиме вистинска историја, а уште поубаво би било да научиме да ја разбираме. Разбирање историја. Токму во таа грмушка лежи зајакот. Што сме биле пред 2500 години, што пред 1500, што пред 150, а што сме сега и зошто е тоа така. Кога би успеале да ја разбeреме, наместо хистерично да се буфтаме по гради извикувајќи ИСТОРИЈА, би биле подобри луѓе денес, а уште подобри утре. За народ кој се колне во сопствените деца, неверојатно потфрламе за нашето и нивно утре.

Сосем споро и монотоно минува седмиот ден од Крушевската република. Малата чета “прогресивци за отстрел“ го поправа расцветаното црешово топче, фрлајќи по некој дрзок поглед кон момите кои полнат вода на градската чешма. Аскерот полека се црнее на хоризонтот, а количината лажни вести и траорни предикции за крајот на светот ја одработува својата улога во масовното деморализирање на населението. Деморализирана маса гарантира сигурен пораз и долготрајно ропство. Со тоа што деновиве изворот на ропството блика од внатре, од сопствената глава. Но да ги ставиме на страна политичарите, новинарите, платениците. Погледнете ги најпопуларните писатели од двете страни на востанието: Венко Андоновски и Георги Господинов. Ценети господа, омилени кај народот, но и кај комитите. Обајцата шамараат со комплетно реакционерна, усмрдена, самоубиствена реторика. Душата, крушата, пупакот – шупакот и се разбира заклучокот дека избрзавме со вселената. Да не избрзавме и што правевме држава? И ние и тие.

Сепак, по еден параметар сите сме обединети и имаме голема среќа: не сме криви ама баш за ништо. Секогаш имаме некој друг да ни е крив и од бога дадено право да не остават на раат да ординираме во нашата голема држава – зоолошка градина. Па 21ви (дваесет и први) век е мајкому, што значи дека и ПИРЕЈот има право да оди на годишен одмор. И троскотот. И секој друг можен скот се разбира. Па и комитите. Затоа предлагам, преостанатите 3 (три) дена слобода да ги искористиме за да отидеме на одмор. Можеби непријателот никогаш не спие, ама ние мора да одмориме.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни