1 од 12 деца се изложени на сексуална експлоатација или злоупотреба на интернет

Ова се однесува на онлајн заведување, изложеност на порнографија, злоупотреба заснована на имиџ, сексуална изнуда и сексуална експлоатација

Бројката изразена на глобално ниво укажува на „потребата од посилно законодавство и напори за примарна превенција за да се заштитат децата“, напишаа истражувачите во студијата

„Имаше висок степен на варијација меѓу студиите што ги испитувавме, но сите тие укажуваат на фактот дека интернетот стана место на злосторство, со деца ширум светот изложени на немерлива штета“, вели за Euronews Next, Ксијангминг Фанг, научен вонреден професор на Државниот универзитет во Џорџија и автор на новата студија.

„Длабоко сум загрижен дека ризикот од онлајн сексуална експлоатација и злоупотреба на деца уште повеќе ќе расте имајќи го предвид сé поголемиот пристап до интернет и употреба на паметни телефони, особено во земјите во развој“, додаде тој.

Истражувачите чии наоди беа објавени во The Lancet Child & Adolescent Health, заклучоците ги засноваа на повеќе бази на податоци и студии објавени во периодот меѓу јануари 2010 и септември 2023 година.

Кога се земаат предвид искуствата од детството низ нивниот животен век, процентот на деца кои пријавиле злоупотреба на интернет се зголемил на едно од шест деца или 16,6 отсто.

Според анализата, едно од осум деца пријавило дека е жртва на злоупотреба заснована на слики, што значи преземање, споделување и изложување на сексуални слики и видеа, без согласност.

„Овие наоди ја нагласуваат важноста на насочените интервенции, вклучително и образованието, регулирањето на онлајн платформите и подобрените безбедносни мерки за заштита на децата од експлоатација и злоупотреба“, рече Фанг, додавајќи дека неконсензуалното споделување на сексуални слики, сè почесто се пријавува.

Покрај тоа, според истражувачите, едно од 28 деца било жртва на сексуална изнуда, форма на принуда со уцена. Во однос на соодносот момчиња – девојчиња, истражувачите не откриле значителни разлики помеѓу нивните искуства.Тие, исто предупредуваат дека преваленцата може да биде многу поголема, имајќи го предвид фактот дека некои од испитаниците не се подготвени да го откријат сите информации.

Истражувачите исто така рекоа дека според платформата CyberTipline, со седиште во САД, извештаите за сомнителни слики и видеа за сексуална експлоатација и злоупотреба на деца преку интернет се зголемиле за 13 отсто во 2023 година во споредба со претходната година, а во споредба со 2021 година се зголемиле за 23%.

Во Европската унија, од платформите се бара да пријават онлајн сексуална злоупотреба на деца и да ги алармираат властите. Се очекува да се формира и центар на ЕУ за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на деца

„Зголемениот обем на нелегални содржини на интернет претставува поголем предизвик за агенциите за спроведување на законот кои се борат против сексуалната експлоатација на деца преку Интернет“, напиша Европол, полициската агенција на ЕУ, во проценката на заканите од организираниот криминал на интернет во 2024 година.

Професорот Фанг подвлече дека сексуалната злоупотреба на интернет „е поврзана со влошено ментално и физичко здравје, намалени можности за вработување и помал животен век“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни