Законот „Дупломб“ е остро оспоруван од граѓанското општество, а петиција се противи на повторното воведување на пестицид. Ова е дебата која го тресе француското општество ова лето. Со 1.8 милиони потписи собрани за само две недели, петицијата против законот „Дупломб“ предизвикува политички потреси.
Една точка посебно ја кристализира тензијата: повторното воведување на пестицид. Законодавството им дозволува на земјоделците да користат ацетамиприд, бидејќи оваа супстанца е дозволена за употреба во ЕУ до 2033 година.
Таа што ја запали искрата беше 23-годишна студентка. Таа ја поднесе својата петиција два дена по конечното усвојување на законот на 8 јули.
За европратениците еколози, овој текст е опасна порака испратена од Париз до неговите европски партнери.
„Проблемот е што Франција многу добро можеше да им се обрати на другите земји-членки и да каже: ајде да ја усогласиме нашата легислатива, ајде да ги усогласиме нашите забрани, да дејствуваме во општ интерес и да работиме на тоа. Но Франција не одлучи така“, се жали Маџдулин Сбаи од Зелените/ЕФА во Европскиот парламент.
„Со чекор наназад, Франција неминовно ја влече Европа наназад“
Франција сака да ја користи оваа супстанца, која е забранета од 2018 година, за заштита на своите насади со цвекло, лешници, цреши и јаболка. Поддржувачите на законот и водечкиот земјоделски синдикат сметаат дека националните производители се во неповолна положба во споредба со европските конкуренти и зборуваат за неправедна конкуренција.
Десничарската европратеничка Селин Имар посочува дека инсектите штетници „уништуваат помеѓу 30 и 50% од насадите со лешници.“
„И што се случува во овој случај? Ние увезуваме производи од нашите соседи, од Германија или Италија, но и лешници од Турција, за да ги снабдиме фабриките и производството во Франција.“
Контроверзен пестицид
„Неоникотиноидите, меѓу кои и ацетамиприд, се сметаат за убивачи на пчели. Пчелите се неопходни за опрашување. Оваа супстанца претставува вистинска опасност за пчелите и со тоа за идното опрашување,“ предупредува Маџдулин Сбаи.
„Но, покрај тоа, се смета и за канцерогена, односно опасна по здравјето на луѓето.“
Сепак, дебатата за јавното здравје е посложена. Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) е претпазлива. Минатата година изјави дека „постојат значајни неизвесности во доказите за можните неуротоксични ефекти на ацетамиприд врз развојот кај децата, и дека се потребни дополнителни податоци за соодветна проценка на ризиците.“
Пестицидот може да има ефекти врз развојот на мозокот кај фетусите. EFSA затоа предложи намалување на дозволената дневна доза.
„Ја разбирам оваа дебата. Но, она што денес е навистина штетно е што дебатата е пристрасна. И кога се обидуваме да донесеме на маса наука, рационалност и научни студии,“ – вели Селин Имар – „се судираме со емоции предизвикани од страв.“
Удар за климатската политика
Законот „Дупломб“ е дел од трендот на преиспитување на климатската политика усвоена во последните години. Текстот содржи и други одредби кои овозможуваат интензивно сточарство и изградба на водни резервоари, познати како „мега-базени.“
„Да, ова е уште еден напад врз обврските преземени во претходниот мандат,“ вели Маџдулин Сбаи.
Од друга страна, Селин Имар (ЕПП) го поздравува фактот што законот го доведува во прашање Европскиот зелен договор.
„Горда сум што помагам да се укине овој Зелен договор, затоа што мислам дека е погрешен пристап. Тој ја следи логиката на казнување, логика што дополнително ќе ги оптовари земјоделците, нивната продуктивност и профитабилност,“ инсистира европратеничката.
Претседателката на Националното собрание се изјасни дека е за понатамошна размена на мислења меѓу пратениците. Сепак, оваа дебата ќе се однесува само наovaa петиција и нема да биде проследена со гласање кое веднаш би го поништило законот што веќе е усвоен.