(Видео)1.400 години традиција во Вевчан – Карневал што не простува, но и не навредува

„Вевчанскиот карневал, со традиција стара околу 1.400 години, повторно ги собра маскираните василичари и гости од целиот свет, носејќи сатира, театар и нова енергија за Новата година.“

Вевчани и годинава е центар на вниманието со својот прочуен Вевчански карневал, манифестација со традиција стара околу 1.400 години, која претставува редок спој на пагански обичаи, христијанска симболика и современа општествена сатира.

Она што го прави карневалот уникатен е правилото дека маските се чуваат во строга тајност до самиот почеток на дефилето и никогаш не се повторуваат, што секоја година го прави настанот непредвидлив и автентичен.

Градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, порача дека маските не треба да се сфаќаат лично, бидејќи карневалот е форма на драма и театар.

„Ова е театар на отворено. Сè што гледате е драма. Како филм – не можете да го обвините актерот за улогата што ја игра“, истакна Кочовски.

Сатира на годината што измина

Годинешното дефиле, кое започна околу 15 часот, повторно беше инспирирано од настаните во земјата и светот. Покрај традиционалните ликови – зетот, невестата, ѓаволите и Глупавите Августи, вевчанци на сатиричен начин ги прикажаа: мигрантската криза, состојбата во судството, домашната политичка сцена, војната во Украина, одлуките на американскиот претседател Доналд Трамп, светските лидери Владимир Путин и Доналд Трамп, инвестициите во Дубаи и виртуелната министерка во албанската Влада

Карневалот привлече и гости од Австралија, Шведска и други земји, што уште еднаш ја потврди неговата меѓународна вредност.

Василичарски обичаи и симболика

По дефилето, василичарите го изиграа василичарското оро, а потоа ги посетија домовите во селото, носејќи благослов за здравје и бериќет. Домаќините ги даруваа со леб, луканци, пари и други дарови.

Ноќта продолжи со одење на Вевчанските извори, каде се зема вода за правење кашаник (зелник) со паричка, симбол на среќа и благосостојба. На крајот, маските традиционално се палат – симболично прочистување и порака дека злото нема да се повтори.

Прослава на Новата година

Новата година според Јулијанскиот календар ќе биде дочекана со голема забава во центарот на Вевчани, со настапи на Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски, оркестарот „Вевчани“ со зурли и тапани, Перо Бели и групата „Вип“.

Манифестацијата започна синоќа со настапи на Влатко Лозаноски, „Пука козметика“ и „Брас брадрс“, со што Вевчани уште еднаш покажа зошто овој карневал има посебно место во македонската култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни