Автопортрет насликан од Џони Деп во 2021 година додека му се судеше за злоставување на неговата поранешна сопруга, актерката Амбер Херд, е понуден на продажба.
„Го сликав во студиото на Ралф Стедман во 2021 година. Овој автопортрет е направен во време кога бев, да речеме, малку мрачен, малку збунет. Погледнав и, не знам зошто, мислев дека ми треба нешто друго. Бев на прагот да влезам во петтата година на лудилото“, изјави Деп за Ројтерс.
Овој автопортрет и други дела на Деп се изложени во галерија во Лондон.
Менаџерот на галеријата Иан Ветерби Блит изјави дека мисли дека актерот сега е подготвен да ја сподели сликата со другите.
„Во времето кога ја сликаше, минуваше низ многу тежок период во животот. Секој поминува низ тешки периоди во животот, па мислам дека Џони сакаше тоа да го сподели со светот и да им даде на луѓето увид низ што минувал, но и да ги охрабри дека секогаш има светлина на крајот од тунелот“, вели тој.
Актерот вели дека правењето автопортрет не е најпријатната работа на светот, но дека сè што правите е, повеќе или помалку, автопортрет.
„Седев со огледало и се цртав со денови, во различни денови, под различно светло и агол“, го опиша актерот процесот на правење на сликата.
Менаџерот на галеријата открива дека Деп бил сликар пред да стане музичар, а музичар бил и пред да стане актер.
„Тоа е негово хоби, тој постојано се навраќа на тоа и мислам дека за време на сето она што му се случи сакаше да создаде нешто многу, многу лично“, изјави Ветерби Блит.
Покрај автопортрети, во лондонската галерија е изложена и колекцијата „Пријатели и херои“, која вклучува портрети на великаните насликани од Деп – музичарите Боб Дилан, Боб Марли, актерите Хит Леџер и Ал Пачино, актерката Елизабет Тејлор.
Џони Деп ја запознал својата поранешна сопруга Амбер Херд на снимањето на филмот „The Rum Diary“, а се венчале во 2015 година. Една година подоцна, парот објави дека се разведува.
Автопортретот е инспириран од неговата фотографија направена за потребите на рекламната кампања за парфемот Диор од 2015 година.
Сликата се продава за 1.950 долари и е достапна само 13 дена. Актерот планира да донира 200 долари од таа сума на непрофитна организација за ментално здравје.
Извор: N1