По заминувањето од функцијата креативен директор на луксузната модна куќа Loewe, дизајнерот роден во Северна Ирска, Џонатан Андерсон, е назначен за креативен директор и на женските и машките колекции во Dior – станувајќи првиот што ја презема двете улоги истовремено од времето на самиот Кристијан Диор.
Светот на фудбалот често привлекува внимание со мултимилионски трансфери, но оваа недела една од најголемите “трансакции” се случи во модната индустрија. Француската модна куќа Dior сега се надева дека Андерсон ќе внесе магија и иновација во нејзините машки и женски колекции – и ќе ја зацврсти нејзината глобална позиција.
Андерсон речиси една деценија го водеше Loewe, шпанската модна куќа во сопственост на LVMH, зголемувајќи ги годишните приходи за пет пати. Сега, со преземањето на функцијата во Dior, 40-годишниот дизајнер влегува во историска улога – прв кој самостојно ги води и женските и машките линии на куќата од времето на Кристијан Диор.
Од театар до модни писти
Роден во Магерафелт, мало гратче во Северна Ирска, Андерсон на 18 години заминува во САД со сон да стане актер. Подоцна се враќа во Европа, инспириран од љубовта кон костими и театар од детството, и започнува да студира на London College of Fashion, каде дипломира.
Во 2024, Time Magazine го вклучи меѓу 100-те највлијателни луѓе во светот, истакнувајќи ја „неговата вродена способност да ја поврзе модата со човечкото однесување“ и „неговата константна иновативност“.
Еден од најзапаметените моменти е од февруари 2020 година – Хари Стајлс носи разнобојна кардигана од JW Anderson која стана вирална на TikTok. Фановите започнаа да плетат свои верзии – токму пред пандемијата, кога целиот свет доби многу слободно време.
Друг пример е Ријана, која на настапот на Супербоул во 2023 облече впечатлив црвен комбинезон и грудна плоча дизајнирани од Андерсон – на тој начин суптилно објавувајќи дека повторно е бремена.
А кога Андерсон ја постави 87-годишната Дејм Меги Смит за лице на кампањата на Loewe – покажа дека модата нема возраст.
Во интервју за Vogue Business, генералната директорка на Dior, Делфин Арно, го нарече Андерсон „најталентираниот дизајнер на својата генерација“, нагласувајќи ја неговата визија, искуство и лидерство:
„Има големо искуство во водење на големи тимови, иако има само 40 години. Но, најважно е што има исклучително јасна визија за брендот.“
Андерсон го наследува местото од италијанската дизајнерка Марија Грација Кјури, првата жена што ја водеше женската линија на Dior. Арно ја пофали Кјури за нејзината „феминистичка перспектива, креативност и длабоко разбирање на духот на г-дин Диор“.
Од ривалство до успех
Андерсон е познат по натпреварувачкиот дух – можеби наследен од татко му Вили Андерсон, поранешен репрезентативец во рагби за Ирска.
„Спортистите сакаат да победуваат. И во модата, кога ќе видиш некој што направил нешто брилијантно, тоа те тера да направиш нешто уште подобро“, изјавил тој за The Independent.
Неговите родители секогаш го поддржувале. Во интервју за The Irish News, рекоа:
„Верувавме во дете со монументален талент. И направивме сè за да му помогнеме да го оствари сонот. Кога веруваш дека сонот на твоето дете е достижен – правиш сè за него.“
Татко му дури открил дека тие го ре-хипотектирале семејниот дом за да го поддржат Џонатан во неговите почетоци.
Во 2008, Андерсон ја основа својата епонимска модна марка JW Anderson. Во 2013, LVMH купува мал удел. Во 2015, брендот прави историја на British Fashion Awards како прв добитник на наградите и за машка и женска мода во иста година.
JW Anderson е познат по бришењето на границите меѓу машка и женска мода – честопати опишан како андрогин или „gender-bending“, иако Андерсон повеќе го преферира терминот „унисекс“.
Со преземањето на Dior, Андерсон ја зацврстува својата позиција како еден од највлијателните модни дизајнери денес. За неговите родители, неговата кариера е доказ дека вреди да се инвестира во талент – а за Dior, тој може да биде новата креативна сила што ќе го обликува модниот идентитет на куќата за новата декада.