Џиро д’Италија, еден од најважните настани во светскиот велосипедизам, за првпат во историјата годинава ќе започне од Албанија, при што од 9 до 11 мај, Драч, Тирана и Валона ќе бидат градовите што ќе бидат домаќини на професионални велосипедисти, со што Албанија ќе стане дел од овој голем спортски спектакл, објави албанскиот премиер Еди Рама.
Според него, трката ќе понуди извонредна можност за промоција на природните убавини на земјата, ставајќи ја Албанија во глобалното внимание и поврзувајќи ја со возбудата и брзината на една од најголемите трки во велосипедизмот.
– За првпат во историјата, Џиро д’Италија доаѓа во Албанија. Еден од најголемите настани во светскиот велосипедизам ќе се одржи на 9, 10 и 11 мај во Драч, Тирана и Валона. 180 професионални велосипедисти, шампиони од целиот свет, ќе се натпреваруваат на нашите патишта, ставајќи ја Албанија на мапата на глобалните спортови и емоции. По трите етапи во Албанија се сели во јужна Италија, каде завршува на 1 јуни, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оценува дека покрај спортскиот аспект, Џиро д’Италија ќе привлече и големо медиумско внимание и ќе биде „важен момент за земјата, која ќе добие огромна експозиција преку телевизиските преноси низ целиот свет“.
Првата етапа ќе започне во пристанишниот град Драч, а целта е во Тирана по ридско возење (164 км.). Втората етапа е индивидуален хронометар од 13,7 километри околу Тирана. Третата етапа, која е трка од 160 километри, започнува и завршува во Валона, а патеката е ридеста.
Првпат Џиро започнува надвор од Италија, од 2022 година кога имаше воведна етапа во Унгарија.