Џеки Чен имал татко шпион и мајка вмешана во подземјето: Сакале да го продадат за 200 долари, а потоа го напуштиле

Познатиот актер Џеки Чен на 7 април го прослави својот 70-ти роденден. На социјалните мрежи се појавија фотографии од него со седа коса и брада, што предизвика загриженост кај обожавателите кои коментираа дека „не би го препознале на улица“. Меѓутоа, актерот објасни дека неговиот изглед е само за нова улога.

На својот Инстаграм профил, тој се огласи со порака по повод роденденот:

„И пред денешниот ден, многу пријатели ме потсетуваа: ‘Џеки, ќе наполните 70 години’. Секојпат кога ќе го слушнев тој број, срцето ми застануваше на секунда – веќе 70? Но, потоа се сетив на една изрека што ја кажа мојот постар брат Само Хунг: ‘Да остариш е благослов’. Особено за нас каскадерите – ние сме вистински среќници што воопшто доживеавме старост. Неодамна многумина се загрижија за моето здравје поради некои фотографии, но сакам да им порачам: не грижете се. Тоа е само изгледот на ликот што го играм во мојот нов филм – седа коса, бела брада, постар изглед. Во текот на кариерата, секогаш сум бил подготвен да пробам нешто ново за улогата, без разлика дали е тоа тежок каскадерски подвиг или необичен изглед. Работам во шоу-бизнисот веќе 62 години и го ценам секој миг. Љубовта кон филмот ми е неисцрпна, како и љубовта кон вас. Ви благодарам на сите за роденденските желби. Ви посакувам среќа и здравје!“

Детството исполнето со болка и лишувања

Роден е како Чен Конг-Санг, што значи „Чен роден во Хонг Конг“. Родителите му биле политички бегалци од Кинеската граѓанска војна, а семејството живеело во голема сиромаштија. Актерот некогаш открил дека родителите сериозно размислувале да го продадат на британски лекар за 200 долари, само за да преживеат.

Кога Чен имал шест години, родителите го запишале во Кинескиот оперски институт во Хонг Конг – строг интернат каде што се учеле пеење, глума, пантомима, акробации и боречки вештини, и тоа со сурови методи. Тоа не го направиле затоа што сметале дека нивниот син е талентиран, туку затоа што двајцата добиле подобро платени работни места во австралиската амбасада во Канбера – таткото како готвач, а мајката како собарка.

Не можеле да го земат детето со себе, па едноставно го оставиле. Џеки Чен честопати раскажува како чувствувал бес и осаменост.

„Секој месец родителите доаѓаа да ги посетат другите деца, носеа храна, облека, чорапи. Само јас останував сам. Не ги мразев родителите, но бев многу несреќен,“ изјавил тој.

Од интернат до филмска ѕвезда

Во училиштето Чен бил обучен како мајстор на боречки вештини, а веќе со 18 години започнал актерска кариера. Брзо станал глобална ѕвезда и познат по тоа што речиси сите опасни сцени во филмовите сам ги изведувал. Каскадери користел само за сцени на седење или одење – додека тој одмарал.

Родителите со бурно минато

Татко му, Чарлс Чен, работел како шпион, додека мајка му, Ли-Ли Чен, била поврзана со шангајското подземје и била уапсена за шверц на дрога. Исто така, била позната и по зависноста од коцкање.

Некои од најпознатите филмови на Џеки Чен се:

  • „Тајната на змејовиот печат“
  • „Кунг Фу Панда“
  • „Пат околу светот за 80 дена“
  • „Во змејовото гнездо“
  • „Божјиот оклоп“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни