Џејми Оливер го отвори првиот ресторан на Јадранот

Ресторанот веќе привлече внимание кај домашни и странски гости и стана новото место кое мора да се посети на југот од Јадранот.

Џејми Оливер, еден од најпознатите светски готвачи, сопственик на ресторани во десетина земји, вклучувајќи Бразил, Катар, Ирска и Португалија, неодамна во својот портфолио додаде и првиот ресторан на Јадранот – Jamie’s Italian Montenegro, лоциран во луксузната марина Порто Црна Гора во Тиват.

Во промотивното видео на Инстаграм, Џејми истакна дека ова место е замислено како опуштен и топол простор каде што сите се чувствуваат добредојдени, без разлика дали доаѓаат на ручек или вечера под ѕвездите.

Како што стана славен по едноставните рецепти со свежи состојки и своите варијации на класични италијански и британски јадења, и во овој ресторан на менито се наоѓаат препознатливите специјалитети на Џејми: свежа рачно правена тестенина, пица со кисело тесто, медитерански залакчиња, јадења од морски плодови, салати и автентични италијански десерти, пишува tportal.

Отворањето на овој ресторан е логичен продолжеток на Џејминиот повраток на гастро-сцената, откако крајот на 2023 година отвори ресторан во Белград, а во 2019 беше принуден да затвори повеќе од 20 свои ресторани поради финансиски проблеми.

Сепак, Џејми немаше дилема околу изборот на локацијата за новиот ресторан – избра токму најексклузивното место на Јадранот. Порто Црна Гора е најлуксузната марина на Јадранот, лоцирана во Тиват, која покрај врвен сместувачки капацитет и ресторани нуди и бројни содржини како јахтинг клуб, спортски терени, базени, велнес центри, ексклузивни плажни клубови и различни културни настани во текот на целата година, па гостите на ресторанот на популарниот Британац ќе доаѓаат и надвор од летната туристичка сезона.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни