Ќе танцуваме и нема да сме сами

Се будам понеделнички со нозе отрпнати од танцување. Не се сеќавам од кога ова не ми се случило во Скопје. Целото тело ме боли толку многу, но, се чувствувам посреќна и позадоволна од периодов додека во главата ми минуваат сликите од сите лица со кои вчера сме играле заедно. Толку убава дружба, размрдување и добра музика, станува навистина реткост за градот, а во нашите животи. Зошто е тоа така, навистина е друго прашање. Она што ме обзема сега е тоа колку проклето добро ми станало по неколку часа на подиумот за танц кој станува место за прославување – на тагата, на радоста, на храброста да се биде тука и да се биде силен.

Многу научни истражувања покажуваат колку е танцот полезен за нашето тело и севкупно функционирање. Кога танцувам, не сум сама. Кога танцувам, се препуштам и дозволувам од мене да излезе сета лутина и болка. Кога танцувам, гледам подалеку од себе, гледам повеќе насмевки, гледам тело кое не се плаши од умор, гледам младост која не се обележува преку години. Кога танцувам гледам дека не се плашам, дека можам да верувам во иднина, и дека со моето мрдање на телото секогаш ќе го повикувам малото девојче во мене. Му верувам на животот и флертувам со него кога танцувам, затоа што ме потсетува дека тоа е една од оние работи за кои скоро заборавив дека се целата суштина.

Танцот, во времето во кое живееме и условите кои се менуваат од ден на ден, станува директна форма на отпор и крик. Телото се ослободува од стегите на тоа што го доживува околу него, си дозволува за момент да заборави, а истовремено и најсилно да ги изрази своите болки. Континуираната потрага за некаков личен систем кој ќе ни помогне да се одржиме во толку кршлив свет нè носат кон заклучок дека нема многу такви нешта кои суштински ќе ни ја задржат или обноват силата барем малку. Сепак, нашето движење во ритам на музиката што ја слушаме и сакаме, уште ја има таа моќ и тоа трае. Уште ни покажува дека има добри и важни работи и смисла, но и дека комплексноста на живеењето е тесно врзана и со потребата да си дозволиме уживање.

За што и каде ќе танцуваме во градот каде ноќниот живот е тивок? Како ќе ја ослободиме сета оваа енергија да се излезе, барем на час-два од сето она што го следиме околу нас и длабоко нè разочарува? Ќе се врати ли некогаш пак танцот овде? Немам одговор на ниту едно од овие прашања. Размислувам само дека директното учество на нас, тие што сме тука и сега и ја имаме одговорноста да градиме поподносливо постоење за сите, нужно ќе нè одведе и кон прашањето за радоста и пркосот преку уметничките форми на изразување. Нашето танцување нема да биде само нешто вообичаено, туку ослободување, колективно тагување и потсетување дека секогаш ќе ги бараме сите можни начини како да се спријателиме со овој длабоко непријателски свет. И од него, барем за момент да изнудиме нежност и топлина.

Кога танцуваме не сме сами, а токму тоа чувство ни недостасува најмногу досега. Надвор, на улиците, во парковите, онаму каде се гледаме и споделуваме живот со идеја дека додека се држиме, можеме да имаме нешто подобро за сите. Од нашите ранливи тела и нивната потреба да се крикне, од музиката, од движењето, се раѓа надеж одново и одново и потсетување за нашата издржливост. Си се извинувам на себе што одамна не сум се занела толку многу и толку долго и го повикувам назад кон себе ритамот што сака да си најде некоја форма. Можеби токму во тие мигови, пак ќе дозволам, ќе дозволиме сите, да се потсетиме што замислуваме за нас и нашите животи и со каков елан можеме да постигнеме промени. И ќе се потсетиме дека да да се радуваме, да уживаме и да чувствуваме денес е многу сложено, но како никогаш досега толку важно. За да можеме да веруваме во ова, мора да собираме сила, а како ако не преку нашите чекори кои се прелеваат со шарените светла на подиум за танц кој ние сме си го создале?

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни