Ќе си изнајмиме живот?

Фото: SHVETS production

За генерациите блиски до мојата постои многу голема скептичност. Растеме ,,залепени” до телефоните, поинаку го разбираме авторитетот, кариерата, можностите: ова се само дел од коментарите кои често ги слушам во негативен контекст. Многу малку сепак се зборува за тоа како нашата тежина да се расте во вакво време е поголема од кога било, обгрнати со нестабилност и длабоки кризи на секое ниво, понатаму за нискиот стандард и неможноста да ги истражиме нашите идентити во толку ограничени општества, да растеме преку нова култура која ја градиме. Сите овие работи се споменуваат многу малку.

Уморна сум и ова често ме лути, затоа што нашата перспектива во суштина никој не ја сака. Еве на пример, за нас, генерациите кои носат карактеристики на нови времиња, предности и брзо време и адаптирање, предизвиците стануваат огромни на други полиња. Ние сериозно се бориме со ментално здравје во ера на социјални мрежи кои експлодираат со содржини, не успеваме да имаме финансиска стабилност ниту основни предности како здравствено и пензиско, голем дел од нас живеат со години во изнајмени домови и не сме во можност да се стабилизираме во повеќе насоки. Ние сме на некоја граница меѓу свет што треба целосно да се реобликува и свесност за она што постоело не толку одамна. И далечното минато кое доаѓа преку сведоштвото од нашите повозрасни во семејствата, преку кои се трудиме да го разбереме контекстот на тоа што сега ни се случува пред нос. Извинете, ама не ни е најлесно.

Ние живееме во ерата на изнајмување и привременост, која не само што доаѓа од фактот дека нашата финансиска состојба станува главен извор на нестабилност, туку, тоа станува и самиот дом како концепт. Предизвикувањето на традиционалните норми и потребата од промени се неминовно дел од ова. Нашетo нестабилно секојдневие е населено во секое поле од нашите животи и тоа од една страна е многу страшно, но од друга страна понекогаш мислам дека е прв чекор кон нашата слобода и тоа што ни недостасува. Повеќето од нас не можат да си дозволат независност, опкружени се со притисокот од нејасната општествена ситуација во светот воопшто и куп други нешта, но сепак, во тие наши изнајмени простори, пракси, курсеви и сè друго се трудиме да оставиме некаков автентичен нов дух, затоа што инаку би се препуштиле на болката од тоа во колку чуден и непредвидлив свет живееме сега.

Затоа често ме лути кога слушам коментари за нашите генерации кои никогаш не поминуваат отаде другата страна, каде ја гледаме неизвесноста, длабоко се плашиме од неа, но истовремено сведочиме дека таа ќе формира нешто ново во нас.

Во празнината, во домовите кои не се наши, во нештата кои не може да си ги дозволиме и нестабилните работни места, ние се трудиме да почнеме живот кој ќе има смисла. А, тоа е навистина голем предизвик. Затоа што додека сите ни зборуваат за предноста на нашата флексибилност, многу јасно знаеме што значи непознатото под нашите нозе, кое се пакува од еден во друг куфер, за од еден во друг стан да создаде засолниште, нов почеток, нова смисла.

Меѓу влажните ѕидови со скапи станарини, работните договори со кратко траење, минливите односи кои се топат при преселбите на нашите пријатели, соништата и целите за нас добиваат нов контекст. Повеќе од кога било ни е потешко како млади да планираме и замислуваме, затоа што немаме основа ниту поддршка врз која тоа може да го градиме, па така, малите гестови на присутност во сегашноста, носат некое ново промислување на животот овде воопшто и смислата на сите потези кои си ги правиме за иднината.

Ова сепак нема да нè спречи, барем од она што го гледам, да замислуваме ама и почесто од порано да се вклучуваме во иницијативи преку кои создаваме исполнетост во сета празнина од ова погоре. Да го будиме пак инаетот кој ни треба, колку и тоа да изгледа тивко засега, постои и го гледам. И тоа ме радува, затоа што знам дека се обидуваме да се справиме со бранот од моментални околности кој не сме можеле да го избереме, ама не смее ни да нè покрие целосно. Не сме идеални, но верувам во процесот на учење во нашата младост, кој може да нè направи храбри, свесни и цврсти и покрај сиот хаос, сето непознато и страшно околу нас.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни