Тензиите околу еден од најстарите и најпочитуваните христијански манастири, Света Катерина на Синај, не стивнуваат, а најавата на Египет дека планира да изгради голем туристички комплекс во близина дополнително ги зголемува загриженостите на монасите и верските заедници.
Овој манастир, кој е под заштита на УНЕСКО, со векови го зачувал својот автономен и духовен карактер. Спорот меѓу египетските власти и грчките православни монаси покренува прашања за заштитата на културното и религиозното наследство, како и балансирањето на интересите на туризмот и зачувувањето на светите места.
Сериозноста на ситуацијата ги внесе во приказната Европската Унија и меѓународните организации, кои го следат развојот поради можните последици за културното наследство и регионалните односи.
Египетската влада бара гаранции за изградба на огромен туристички комплекс околу едно од најстарите активни христијански места, според документ што го виде „Еурактив“.

Грчко-православниот манастир „Света Катерина“ од 6 век, кој УНЕСКО го прогласи за место со „извонредна универзална вредност“, се наоѓа во подножјето на планината Синај во египетската пустина на југот од земјата. Во мај, тој ги загуби своите права врз земјиштето откако египетскиот суд нареди тоа да биде префрлено на државата.
Само неколку дена по пресудата, на „Еурактив“ му беше даден ексклузивен пристап до манастирот, каде што монасите и локалните бедуини рекоа дека се молат местото да го издржи овој нов предизвик. По судската пресуда, министрите за надворешни работи на Грција и Египет се состанаа неколку пати и се согласија да бараат трајно решение, а наскоро се очекува официјално соопштение.
Атина отсекогаш тврдела дека правниот статус на манастирот е неповредлив, а нацрт-рамковниот договор што го виде „Еурактив“, кој сè уште може да се промени, го одразува ова, наведувајќи дека неговиот религиозен карактер ќе биде зачуван, дека монасите можат да продолжат со своите ритуали и дека манастирот ја задржува сопственоста врз своите простории.

Сепак, истиот документ му гарантира на Египет „можност за спроведување идни планови насочени кон одржлив развој, како една од целите на модерната египетска држава“. Каиро претходно изјави дека тие планови вклучуваат развој на областа во туристички комплекс, предизвикувајќи страв кај монасите дека православниот манастир би можел да биде затворен.
Специјалниот автономен режим на манастирот бил признат од низа владетели, од исламските калифи до Отоманската империја, што му овозможило да преживее како едно од најстарите континуирано активни христијански места.
А багерите можеби не се далеку, објавува овој портал. Според активистичката организација World Heritage Watch, Египет веќе гради развојни проекти околу областа, а тековната изградба ја крши Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО.
Времето е исто така политички чувствително. Египет е во средината на кампањата за функцијата генерален директор на УНЕСКО за периодот 2025-2029 година, на која се кандидира поранешниот министер за туризам Халед ал-Анани, кој има поддршка и од Лигата на арапските држави и од Африканската унија.
Проблематична точка од нацрт-договорот е што ќе се случи со манастирската ризница, од позлатени икони до ракописи стари со векови. Според текстот, египетските власти би имале право да одлучат како тие ќе бидат зачувани „во согласност со одредбите од Законот за заштита на античките споменици“.
Тоа предизвикува вознемиреност кај некои, кои сметаат дека на државата ѝ дава контрола врз светите предмети што припаѓаат на религиозно малцинство. Други религиозни групи, вклучувајќи ги и Коптите, изразија слични загрижености.
Контроверзен судски случај
Се верува дека мајската пресуда на Египет произлегува од случај покренат од лица поврзани со Муслиманското братство, исламска организација основана во Египет во 1920-тите, која често е критикувана поради своите ригидни верувања.
Иако Муслиманското братство е забрането од воениот режим на Египет, тоа сè уште има влијание во земјата. Кога станува збор за случајот „Света Катерина“, нивните интереси се совпаѓаат со оние на владата, иако од различни причини.
И покрај политичкото непријателство, случајот го поддржа претседателот Абдел Фатах ел-Сиси, бидејќи тој се стреми да го прошири туристичкиот сектор во Египет.

ЕУ ќе изврши притисок врз Египет во врска со пресудата за манастирот
Европските социјалисти го оспоруваат неодамнешниот потег на Египет да одземе земјиште од еден од најстарите христијански манастири. Во Брисел, претставниците на ЕУ велат дека внимателно го следат спорот со фокусот на новата Комисија врз односите со медитеранските соседи и последиците врз миграцијата.
Атина и Каиро претходно соработуваа на координација на миграцијата и енергетски проекти. Грција, исто така, мора да одржува позитивни односи со Египет, кој е стратешки сојузник во честопати нестабилниот источен Медитеран.
Кога беше прашан како Брисел планира да го заштити манастирот во однос на проектот за египетски туризам, портпаролот на ЕУ за „Еурактив“ изјави дека Комисијата продолжува да го следи случајот и „обврските преземени од владата на Египет, во тесна координација со нашите земји-членки“.
„Египетските власти ги информираа европските амбасадори дека владата останува целосно посветена на зачувување на религиозниот, историскиот и духовниот статус на манастирот, нагласувајќи дека пристапот на монасите не е загрозен и дека судската одлука формално го штити местото за прв пат“, додадоа тие.