На Д Фестивал во Штип, каде младоста пулсираше со ритамот на новата музичка сцена, направивме кратка анкета меѓу посетителите – но не за бендовите, туку за новиот предлог што кружи во јавноста: да се воведе данок за неженети и немажени. Реакциите? Од смеа до шок.
„Ало бе, сериозно?“ – ни кажа еден посетител кој штотуку излезе од гужвата пред бината. „Смешно е, али и малку страшно“, коментира друга девојка. Некои, пак, со доза на иронија заклучија: „Абе, ако ќе плаќаме – боље него да се венчаме!“ – како да се работи за промоција на општински масовен брак, а не за државна политика.

Во време кога младите се соочуваат со егзистенцијални предизвици, од иселување до ниски плати, дел од публиката не можеше да поверува дека „брачниот статус“ може да стане предмет на оданочување. На сцена – музика, енергија, слобода. Надвор од бината – апсурд што звучи како скеч, но може да стане реалност.