Европскиот парламент во четврток ќе гласа за евентуално изгласување недоверба, откако 75 пратеници – најмногу од десницата – собраа потписи за да се стави иницијативата на дневен ред. Причина за ова е одбивањето на Фон дер Лајен да ја објави преписката со директорот на американската фармацевтска компанија „Фајзер“, Алберт Бурла, за време на пандемијата со ковид-19.
Европската комисија одби да ги објави пораките разменети во 2021 година за набавка на вакцините, и покрај тоа што во мај годинава Општиот суд на ЕУ пресуди дека Комисијата не понудила доволни причини за тајноста на преписката. Комисијата поднесе жалба на оваа одлука.
Одбрана на Фон дер Лајен
Фон дер Лајен денеска изјави дека конечниот договор со „Фајзер“ бил во интерес на Европа, дека не бил постигнат во тајност и дека бил одобрен од сите 27 земји-членки на ЕУ. Нејзините критичари ги нарече „антиваксери“, „проруски играчи“ и „теоретичари на заговори“ кои, според неа, се обидуваат да го поларизираат општеството, да ја поткопаат демократијата и да шират лажни наративи.
Таа нагласи дека не е тајна што имала контакти со фармацевтски компании и дека со стратегијата за централизирана набавка обезбедила правичен пристап до вакцини за сите држави-членки.
Критики за централизирање на моќта
Пратениците кои стојат зад иницијативата, предводени од романскиот конзервативец Георге Пипереу, ја обвинуваат Фон дер Лајен за прекумерна централизација на моќта, оддалечување од граѓаните и мешање во националните избори.
Иако не е веројатно дека ќе се изгласа недоверба (потребни се две третини од гласовите), дебатата претставуваше можност многу пратеници да ја критикуваат Фон дер Лајен, вклучително и за тоа што нејзината Европска народна партија, во однос на миграциите и зелените политики, сè повеќе се приближува до десницата.
„Дали сакате да владеете со оние што сакаат да ја уништат Европа или со оние што секојдневно се борат да ја изградат?“, праша Иратксе Гарсија Перез, лидерка на социјалистите и демократите.
А лидерот на Зелените, Бас Ајкхут, беше уште поостар: „Ја храните ѕверката на екстремната десница. И таа на крајот ќе ве проголта.“