Јуроп хаус ги почна активностите по повод Денот на Европа, со серија настани ширум земјата во текот на мај

Централниот настан е закажан за 22 мај, од 20 часот, на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ќе претставува автентично музичко патување низ историјата на домашната рок и поп-антологија. На концертот, со наслов „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“, старите познати рефрени ќе бидат изведени од актуелните изведувачи „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, диџеј Гоце и ЛД Пистолеро, „Sethsat“ со Марија Каева и „Ретро кабаре“, кои ќе свират свои аранжмани на песните, како одговор на едно друго време. Концертот е најавен како севкупно мултимедијално искуство, низ кое како домаќин публиката ќе ја води познатиот радиоводител Драган Б. Костиќ. Освен музичкиот спој на старото и новото во формат на „радиошоу во живо“, за публиката ќе бидат достапни и други содржини на платото на УКИМ – мини-саем на книги, поп-ап продавница за винили и др.

Другите Јуроп хаус од мрежата ќе бидат домаќини на богати културни настани, не само во своите градови туку и пошироко во регионот. Во Битола, програмата под мотото „Ние сме тука, кај си ти?“ почна на 9 мај со осветлување на Саат-кулата, а ќе заврши на 18 мај со изложба и настап на грчкиот диџеј Архитект во Пациото на Музејот во Битола. Во Струга, на 30 мај, под мотото „Слушај природа!“ се планира целодневна програма што вклучува откривање на нов мурал во градот, проследено со музичко-светлосен перформанс во струшкиот Парк на поезијата. Во организација на Јуроп хаус Крива Паланка, настани се планираат и во Кратово и Куманово, а главните активности ќе се случуваат на 20 мај со цртање мурал во пиксел формат „Прозорот на единството“, како и концерт на групата „Фолтин“. На 28 мај, Јуроп хаус Струмица ќе го претстави биодиверзитетот на регионот преку изложба во Дојран, а на 30 мај во Гевгелија планиран е и „Концерт рок-симфонија“ во изведба на Битолскиот камерен оркестар. Јуроп хаус Велес е домаќин на интересен настан на 27 мај, кога ќе се промовираат локални винарници од вардарскиот регион и вина на земји-членки на Европската унија, нудејќи дегустации, жива музика и промоција на традициите и иновациите во семејни винарници.

Подетални информации за сите настани можат да се најдат на официјалните социјални канали на Јуроп хаус.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни