Петтото јубилејно издание на „Lake Ohrid SUP Crossing“ (L.O.S.C.) и оваа година беше организирано со голем успех, обединувајќи 125 учесници од 19 различни земји. Настанот, кој веќе стана традиција на Охридското Езеро, донесе возбудливи трки, нови рекорди и многу позитивна енергија.
Во долгата професионална трка на 23 километри, грчките натпреварувачи доминираа. Кај мажите победи Никитас Цанакис со време од 2 часа и 26 минути, поставувајќи нов рекорд на оваа дистанца. Кај жените најбрза беше Раула Пападимитриу со резултат од 3 часа и 8 минути.

Во категоријата со даски на дување, првото место кај мажите го освои Австриецот Руди Ван Хевен со време од 3 часа и 7 минути, додека кај жените блесна Англичанката Ангела Кер, која со 3 часа и 14 минути не само што победи, туку и постави нов рекорд.
Големо задоволство за организаторите беше фактот што сите веслачи успешно ја завршија трката, без потешкотии и без откажувања.
Оваа година, за прв пат, натпреварот се одвиваше во два дена, со воведување на нова „Техничка трка“. Елитните веслачи ја презентираа дисциплината пред публиката кај легендарниот хотел „Бисер“ во манастирскиот комплекс Калишта, со што дополнително беше збогатено спортското доживување на езерото.