Екипата на Трн на поставувањето на јубилејната изложба за скопскиот земјотрес

Јубилејна изложба „Скопје, градот феникс“ за 60 години од земјотресот

По повод 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, во Музејот на град Скопје, се поставува јубилејна изложба под наслов „Скопје, градот феникс“ при што се става акцент на процесот на издигување на градот како и на солидарнста од целиот свет. Автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос советник. Таа веќе 15 години ги работи изложбите поврзани со скопскиот земјотрес и вели дека секоја изложба ја носи кон нова.

Секоја изложба ме води кон следната. Во секоја изложба има некој момент којшто упатува на некоја нова приказна. Јас не верував дека толку приказни можеа да излезат од земјотресот. Како се истражува се појавува нешто ново. Најголема инспирација ми се фотографиите. Од една фотографија може да се направи цела приказна. Истражувањата се обемни, се мора да биде потпрено на историски потврдени информации, вистински податок. Истражувањата се одвиваат тука во фондот на Музејот, градскиот архив, државниот архив, во народната универзитетска библиотека и во контакти и запознавања со луѓе. Многу теми излегоа во последните 15 години колку што ги работам темите за земјотресот и допрва имам нови видици за нови изложби. Оваа изложба е доста обемна, особено затоа што е јубилеј и навистина целиот процес на поставување и на новите елементи, подготвка на каталог е нешто што бара време и посветеност“, изјави Зоја за читателите на Трн и ексклузивно откри кои се новитетите од оваа изложба.  

Зоја Богдановска

Таа истакна дека кога се случуваат јубилејни изложби се внимава да има скоро се од претходните со тоа што се вклучуваат и новитети.

„Годинешната тема е „Скопје градот феникс“ и на тоа го ставаме акцентот на издигнувањето. Опфатени се првите мигови од земјотресот во оној дел од изложбата од 2013 што ни е како постојана поставка, таму е приказната за првите мигови на земјотресот, спасувањето на затрупаните граѓани, расчистувањето на урнатините и првото сместување на граѓаните во шаторските населби. Затоа и поттемата во тој дел гласи: „Скопје, град под шатори“.

Следното што годинава го дополнуваме се новите изградени населби, така што ќе бидат опфатени десет населби со десет големи панорами и посебен акцент ќе биде ставен на средбите со солидарноста кои што се и одраз на она што била светската солидарност во Скопје.

Средби на солидарност

Мај месец 1964 година, собранието на град Скопје заедно со одделенијата за култура и спорт решиле да организираат една манифестација од меѓународен карактер каде сите оние држави што помагале на градот Скопје да дојдат во Скопје и да учествуваат на културни и спортски настани, така што од 64 година почнуваат тие средби на солидарноста, каде од сите земји на светот доаѓале уметници, пејачи, се одржувале фолклорни вечери, концерти, спортски активности…

Градот Скопје секоја година од 26 јули до 2 август живеел како град на солидарноста и во градот можеле да се сретнат сите народи и раси. Во шеесеттите години Скопје имал богат културен и спортски живот.

„За прв пат ќе бидат изложени знамињата на сите држави кои помагале на градот Скопје, потоа масата од шаховската олимпијада, значи ќе имаме предмети во витрините од светски културни и спортски настани“, истакна Зоја.

Таа со жалење констатира дека има се помалку од таа генерација на луѓе кои го преживеале земјотресот и се живи извори на многу информации како и донатори на предмети во Музејот на град Скопје. „Обично кога се вакви јубилејни години доаѓаат многу скопјани, за жал се помалку ја има таа генерација на луѓе, ни носат и ни подаруваат предмети. Последните 10 години добивме многу донации и ги збогативме нашите збирки, не само со предмети од тој период, предмети кои лично им припаѓале на тие луѓе. Значи ги одвоиле од себе и ги донеле во музејот за да останат засекогаш и за сите идни генерации“.

Како дел од експонатите е и макетата која е направена после земјотресот, од автор архитект Велимир Гавриловиќ и макетар Ѓорѓи Перчуклиевски. Она што е особено интересно што годинава како дел од изложбата премиерно ќе бидат поставени три сведоштва на тогашните настани.

„Имам добиено и написмено сеќавања од тројца сведоци на тогашните настани. Тоа за прв пат ќе се изложи. Имаме еден студент бригадир кој дошол од автопатот „Братство единство“ на 27 јули во Скопје и всушност младинците се тие кои учествувале во првото расчистување на градот, дури и во копањето гробови во Бутел за погребување на загинатите. Учествувале и во изградбата на приградските населби. Од него имаме едно сведоштво.

Имаме сведоштво од една медицинска сестра која што утрото на земјотресот била дежурна на детското одделение на клиниката во Скопје. Тогаш била млада девојка од 17-18 години и таа е една од сестрите кои ги евакуирле децата од Скопската клиника и со камиони ги однеле во Тетово.

Третото сеќавање ни е од една средношколка, која што било дел од оние млади деца кои самостојно се организирале и ги расчистувале урнатините од нивните основни и средни училишта. Конкретно средношколката учела во гимназијата „Никола Карев“, изјави Зоја за читателите на Трн.

Скопјани својата меморија се уште ја гледаат во овој објект кој е оставен да биде сведок на она што се случило во 63 година.

На прашањето која е пораката на оваа изложба, Зоја одговара: „Пораката е дека сепак Скопје се сеќава на тие настани без разлика што веќе имаме нови генерации. Конкретно Музејот на град Скопје има публика, има публика и од помладите генерации. Самото тоа што доаѓаат тука што гледаат, се поврзуваат со сегашноста, пројавуваат интерес, и ние повторно ги оживуваме и раскажуваме старите приказни. Повозрасните граѓани веќе како им одминуваат годините имаат желба она што досега си го чувале дома да дојдат и да го подарат на Музејот. Сите овие настани и јубилеи поттикнуваат луѓето да ја сфатат суштината на музејот а тоа е дека тој е нашата колективна меморија и споменик на Градот“.

Приказната продолжува, а кругот е тој, меѓу посетителот, институцијата и сведоштвата.

Изложбата низ предмети и фотографии го пренесува земјотресот низ неколку сегменти, почнувајќи од првите мигови по катастрофата, сè до изградбата на првите монтажни населби во кои, пред почетокот на зимата, беа сместени бездомните скопјани. Изложбата е збогатена со музејски експонати сместени во витрини и во неколку амбиенти конструирани на локации во Музејот. Во изложбата се презентираат и предмети од времето на земјотресот, подарени на Музејот од наши сограѓани.

Изложбата ќе се овори на 26 јули во Музејот на град Скопје и ќе трае во текот на целиот месец август. Влезот е слободен за сите посетители и добронамерници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни