Јубилејна изложба – 120 години од раѓањето на Томо Владимирски

Во четврток на 5 септември во 20.00 часот во Националната Галерија Даут Пашин Амам, ќе биде отворена Јубилејната изложба 120 години од раѓањето на Томо Владимирски.

Македонскиот модернизам, чија основа ја поставија неколкумина претставници на првата, основоположничка генерација образовани македонски ликовни уметници, започнува да се следи од крајот на втората и третата деценија на минатиот век, преку активности и изложби кои почнуваат да го носат „новиот“ модерен дух на развиените европски општества, имплементиран генерално низ активната соработка со северниот сосед. На таа генерација, која ја предводат Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други, им се приклучува со мало задоцнување и Томо Владимирски.

Неговиот мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност, придонесуваат Владимирски да остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високо оценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела.Во оваа пригода, по повод одбележување на јубилејот, одлучивме да дадеме акцент на неговиот вистински печат и препознатливост, оној сижеен корпус со кој Владимирски оставил неизбришлива трага во македонската модерна основоположничка генерација, а тоа е пејзажот и неговиот специфичен македонски колорит.

„Постојаниот дијалог помеѓу физичката средина и човечката перцепција“ е констатација која сосема адекватно го објаснува пристапот на Владимирски кон обработката на пејзажот. За него пејзажот не е само сензација, доживување, замрзнување на еден миг, туку е живот, енергија, трансформација, постојан промена. (Clare A. Lees, Gillian R. Overing, “Anglo-Saxon horizons: places of the mind in the Northumbrian landscape”, in A place to believe in: locating medieval landscapes, Clare A. Lees, Gillian R. Overing eds., The Pennsylvania State University Press, Pennsylvania, 2006, p. 1.) Убавината на природата е во нејзините разновидни и различни форми. Ова им станува очигледно на оние кои поседуваат способност да ја перципираат и ценат формата како форма. Тие активно ги бараат, истражуваат, набљудуваат и толкуваат овие форми, што на крајот доведува до восхит и уживање.

Оттука, согледувањето и вреднувањето на величественоста на природата бара чин на толкување, посветеност и внимание, фокусирано набљудување и развој на перцептивна перспектива. Оваа сеопфатна гледна точка опфаќа и набљудување на природните структури и создавање уметнички претстави, бидејќи интерпретираната форма и формираната слика мора да се усогласат во уникатната конфигурација карактеристична за контемплацијата.

Следствено, Владимирски е исклучителен набљудувач и анализатор на природата, уметник кој умее на виденото и регистрираното да му придодаде формално естетска вредност и експресија на трансформација или драма во пејзажот, што останува забележано на површината на неговите платна. Моментот на одвојување од природата (иако бидувајќи во неа) за да се види нејзината целина или целисходноста на кадарот, е всушност клучниот момент кој ја зголемува мајсторската вештина на Владимирски. Владимирски е поет на македонскиот пејзаж, сликар кој умеел да ја преточи убавината на македонските предели во прекрасни дела. Истовремено, тие се и сведоштво за односот на човекот кон природата кој забрзано се менува во современата констелација од развојот на нашата планета во кој доминира човекот – периодот наречен антропоцен. Со своето творештво тој остави трајни вредности кои се дел од националното културно богатство, како важен дел од развојот на македонскиот модернизам во ликовната уметност.

Куратор на проектот е д-р Ана Франговска

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни