ЈП Водовод и канализација – Скопје соопшти дека се продолжува со енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што предизвикува повторно нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем, којшто функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот. Стабилизарање на водоснабдителниот систем се очекува во период по 23 часот, наведуваат од ЈП.
„Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, АПЕЛИРАМЕ до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл.“, наведуваат од скопското ЈП.
Воедно, повторно апелираат и до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење.
„Апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават (на 02 3073 010, kontakt@vodovod-skopje.com.mkили www.vodovod-skopje.com.mk ). Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје“, стои во соопштението.