Јована Миладинова влезе во историјата како најмлада добитничка на награда од МЕСС фестивалот

Младата македонска актерка Јована Миладинова, иако е на почетокот на својата кариера, веќе ги освои срцата на публиката и критиката со своите извонредни изведби. Во краток временски период, таа освои три значајни награди, вклучувајќи ја и наградата на престижниот MESS фестивал, што ја направи најмладата добитничка на ова признание. Со својот уникатен пристап кон улогите и бескрајна посветеност кон театарот, Јована не само што го освојува вниманието на јавноста, туку и постојано се развива како актерка, истакнувајќи ја важноста на трудот, прецизноста и континуираното учење.

Трн: Како се чувствуваш по добивањето на три големи награди во толку краток временски период, особено како најмлада добитничка на наградата од MESS фестивалот?

Јована: Ух многу убаво и возбудено искрено, прекрасно е чувството кога си наградуван за нешто што си се трудел и си дал се од себе.  Но според мене со добивање на секоја награда, ми се зголемува и одговорноста и очекувањата кон театарот.

Трн: Како се подготвуваше за твојата улога во „Едвард Втори“ на Андреј Жолдак? Колку време ти беше потребно за да влезеш во ликот?

Јована: Изабела де Валоа е мојта прва улога и мојот прв предизвик како лик, според мене од првата проба кога почнавме да работиме на овој перформанс постепено и пополека навлегував се подлабоко и подлабоко во историјата и состојбата на Изебела. Па така на самата премиера на Охридско лето ја имаше својата кулминација.  А сега по една година, не ми е тешко да се вратам на тоа ама еве ќе издвојам дека пред да ја играме претставата една недела многу тешко заспивам и често ја сонувам Изебела па јас си викам дека тоа е еден начин како комуницирам со неа.

Трн: Што мислиш дека те издвојува како актерка и што ти помогна да ги освоиш овие награди? Дали има некој посебен аспект на твојата игра што сметаш дека најмногу придонесе за твојот успех?

Јована: Можам да кажам дека доста млада имав среќа и чест да работам со еден голем европски режисер како што е Андриј Жолдак, тоа се случи во првата година од моите студии.  За мене би кажала дека прецизноста и трпението се моја доблест во актерската игра, ништо никогаш не оставам на случајност. Не сум против импровизацијата, напротив интересна е, но во зависност каква е претставата

Трн: Како емотивно ти влијаеше ликот во реалноста? 

Јована: Целата моја енергија и време  ги посветив на улогата и претставата додека го работевме процесот. Може да се каже дека немав слободне време, па така и сега ми остана некоја навика. Сметам дека по процесот станав по интровертна личост отколку што бев.

Трн: Како овие успеси влијаат на твоите идни планови? Имаш ли некои нови проекти или амбиции за иднина, особено во однос на твојата кариера во театарот? Можеби веќе имаш некои понуди?

Јована: Сега најмногу се фокусирам на студиите, а секако дека овие успеси позитино влијаат и врз мене и во моите професионални планови, искуството е големо и значајно. Моментално синхронизирам некои цртани, па така креативно го исполнувам слободното време. А моите планови за иднината никогаш не застануваат постојано сакам да одам на работилници и да го надградувам моето знаење, секако и гледање на многу претстави во странство.

Трн: Кои се твоите омилени улоги досега, и дали има некој лик кој би сакала да го играш во иднина?

Јована: Многу си ја сакам Изабела. А за лик кој сакам да го играм не смеам да го откиријам. Хахах  професорот мој сигурно ќе го прочита интервјуто и нема да ми даде да го играм, бидејќи нејќе да ни ги исполнува желбите. А станува збор за лик кој го има напишано Шекспир.

Трн: Како гледаш на улогата на младите актери во театарската сцена денес? Што мислиш дека е клучно за младите актери кои сакаат да успеат?

Јована: Треба се повеќе да се вклучуваат млади таленти и умови во сите проекти, да се отвораат врати на младите и да се даваат шанси. И секако мој совет е никогаш младите да не се откажуваат од тоа што вистински го сакаат.

Трн: Каква поддршка доби од твоите колеги, професори и блиски луѓе во овој период на успех? Колку е важно за тебе да имаш силна поддршка во актерската професија?

Јована: На крајот од денот поддршката од тие што ги сакаш е најважна. Моја бескрајна поддршка е моето семејство мајка ми татко ми и сестра ми, тие се моите најгласни поддржувачи и немаат пропуштено ниту една претстава. Секако имав голема потпора од моите колеги. Васил Зафирчев постојано беше тука со најразлични совети и е прекрасен партнер на сцена. Професорот Сашо Димоски со кого заедно работевме и во процесот на претствата. Секако и секојдневната поддршка од професорот Роберт Вељановски и асистентската Теа кои што ја водат мојата класа.

Трн: Со оглед на тоа што си на самиот почеток на својата кариера, како го доживуваш театарот како уметничка форма? Што би сакала да им пренесеш на младите што ја сакаат оваа професија?

Јована: Театарот е место каде што секој може да се пронајде и треба да го цениме и негуваме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни