Јавните локални установи сè уште без мартовска плата: „Се чека да се расплетка правниот хаос“

Додека се наближува крајот на април, вработените во локалните јавни установи сè уште немаат земено плата за март. Во лавиринтот од институционални блокади, административни недоречености и недостиг на правна одговорност, се чини дека решението е сè подалеку – а проблемот станува сè подлабок.

Според информации до кои дојдовме, Министерството за култура дало насоки за изработка на нови решенија за плата, по пресметки што не соодветствуваат со важечките колективни договори. Иако голем дел од националните установи веќе добиле плата врз основа на овие нови решенија, кај локалните установи постапката е заглавена.

Причината, како што неофицијално дознаваме, лежи во ставот на Градот Скопје. Оттаму не ги прифаќаат новите решенија, бидејќи, според нашите извори, правните последици од можните тужби на вработените би паднале директно на грбот на градската администрација. „Никој не сака да си го стави потписот на нешто што може утре да заврши на суд“, велат извори упатени во процесот.

Во меѓувреме, за вработените сè е извесно освен платата. „Според нашите проценки, дури и да се пронајде решение денес – што е практично невозможно поради административните рокови – исплатата на платите ќе се одложи за најрано следната недела, по 5 мај“, изјави извор што сакаше да остане анонимен.

Особено симболично, токму на 1 мај – Меѓународниот ден на трудот – истекува и здравственото осигурување на вработените, што дополнително го нагласува апсурдот во кој се најдоа. Без здравствено, без плата, и без јасен рок кога оваа ситуација ќе се реши.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни