Јас, феминистката

Кога велам дека сум феминистка, тоа значи дека сум жена и човек којa верува во борбата против родовата нееднаквост, против односите на моќ, против разликите на ниво на класа, род и сексуалност.

Можноста да ви се обратам вака директно, изборот како да се облечам, изборот на партнер или партнерка, се резултат на феминистичката борба за еднаквост која трае и денес. И не, не било секогаш вака. А, во многу делови на светот, жените едвај го добиваат правото на живот. Се борат за тоа право. Ете ова е бруталната реалност.

Повеќе права за еден, не значат помалку права за друг. Сепак, штом се спомене феминизмот, многу мисконцепции излегуваат на површина. Доминира онаа дека феминисти се жени кои мразат мажи. Не сум првата која размислува дали овие предрасуди воопшто некогаш ќе се променат? На кого му одговараат овие заблуди околу идеите за слобода и еднаквост?

Феминизмот е многу повеќе од  само движење за еднаквост во поглед на мажите. Феминизмот се бори за темелни промени на дискриминацијата во општеството на сите нивоа.  

Ако се залагате против семејното насилство, против сексуалното малтретирање, за еднакво учество на жените во јавниот живот и против влијанието на патријархатот врз мажите – вие размислувате како феминист(ка). Ако верувате во заштита на обесправените луѓе, тогаш вие дефинитивно споделувате феминистички вредности. И секако, ако верувате дека женската борба е колективна борба, повеќе од јасно е дека вие сте феминист(ка).

Да се биде рамо до рамо со жените во ова движење, значи да се биде свесен за неправедноста во нашето живеење. Да се биде свесен дека борбите за рамноправност нè вклучуваат сите, особено  загрозените, а  женската борба стои највисоко во идеите за вистински еднаков свет. Кога одбираме да застанеме позади овие вредности, одбираме праведно општество и еднакви можности за сите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни