Јапонската влада ги прашува младите зошто не стапуваат во брак и немаат деца

Фото: Freepik

Јапонската влада започна консултации со младите луѓе во земјата за нивниот интерес, односно неинтерес за брак, откако земјата продолжува да се бори со демографската криза, која се предвидува дека ќе резултира со драстичен пад на популацијата во наредните декади.

Агенцијата за деца и семејства, основана минатата година, започна со првите работни групи кои имаат цел да им помогнат на младите во нивните обиди да пронајдат партнери. Во работните групи учествуваат млади лица кои би сакале да стапат во брак во иднина и експерти кои им помагаат во надминување на предизвиците.

Владата препознала дека идеите за брак помеѓу младите луѓе се поразлични од тоа што се смета за стандард. Поради тоа владата консултираше експерти, а сега и директно разговара со младите.

„Главната замисла е дека бракот и имањето деца треба да се засноваат на почитување на различните вредности и начини на размислување на поединците“ рече Ајуко Като, министер за политики поврзани со деца. „Би биле благодарни доколку ги слушнеме вашите вистински гласови – што вие мислите, што ве спречува да ги остварите вашите желби“.

Агенцијата објави резултати од анкета на млади од 25 до 34 години, кои се без партнер и од која се гледа дека 43,3 отсто од мажите и 48,1 отсто од жените рекле дека немале можност да запознаат потенцијален партнер во 2021 година. Многу рекле дека не направиле ништо за да си ги зголемат шансите, како учество на настани за запознавање или прашуваање на пријателите да им помогнат да најдат партнер.

Бидејќи релативно мал број на деца се раѓаат вонбрачно во Јапонија, намалувањето на бројот на браковите се смета дека е главна причина за нискиот природен прираст и стареењето на нацијата. Во 2023 година, бројот на склучени бракови паднал под 500 илјади за прв пат по 1930тите години. Бројот на родени деца паднала за 5,1 отсто на 758.631, бројка која е рекордно ниска и која е неверојатно блиску до 755 илјади, што Националниот институт за популација и социјална безбедност го предвидел за 2035 година.

Истражувањата покажале дека младите Јапонци не стапуваат во брак и создаваат семејства поради загриженоста за високите цени за живот во големите градови, недостатокот на доброплатени работни места и работната култура во земјата, поради која е тешко и двајцата партнери да имаат работа или за жените да се вратат со полно работно време откако ќе имаат деца.

Локалните власти одговорија со мерки, од нови градинки до настани за запознавање на парнтери. Во јуни, локалната власт во Токио најави и апликација за запознавање партнери.

Извор: Гардијан

Најново

Последни колумни