Јапонија нема да учествува на состанокот на ОН за забрана на нуклеарно оружје

Министерот за надворешни работи Јошима Хајаши изјави дека националната безбедност на Јапонија е главната причина поради која земјата нема да учествува како набљудувач на конференцијата која започнува денес во Њујорк
A wide view of the General Assembly Hall at the start of the Assembly’s seventy-first annual general debate.

Јапонија нема да учествува на конференцијата на ОН за договорот кој ја забранува употребата на нуклеарно оружје, изјави денес висок државен претставник во Токио, укажувајќи дека американското нуклеарно одвраќање е клучно за безбедноста на нивната земја, но дека учеството би испратило „погрешна порака“.

Министерот за надворешни работи Јошима Хајаши изјави дека националната безбедност на Јапонија е главната причина поради која земјата нема да учествува како набљудувач на конференцијата која започнува денес во Њујорк.

„Во oваа тешка безбедносна ситуација, нуклеарното одвраќање е неопходно за одбрана на животите и имотот на луѓето, како и на јапонскиот суверенитет и мир“, изјави Хајаши за новинарите. Јапонското учество на конференцијата како набљудувач „би испратило погрешна порака за јапонската политика (која поддржува) нуклеарно одвраќање“ и би се мешале со нејзините „напори за безбедност, мир и сигурност“, додаде тој.

Договорот на ОН за забрана на нуклеарно оружје беше одобрен во 2017 година и влезе во сила во 2021 година, по децениски напори за спречување повторување на американските бомбардувања на Хирошима и Нагасаки на крајот од Втората светска војна.

Иако Јапонија е единствената жртва на овие напади, земјата одбива да го потпише овој договор, наведувајќи дека неговата цел е неодржлива без учество на која било од земјите кои поседуваат нуклеарно оружје.

Јапонските функционери рекоа дека ја делат крајната цел на свет без нуклеарно оружје, но дека нивната земја треба да биде реалистична во услови на растечките глобални конфликти. Преживеаните од атомските бомбардурања и тие што ги поддржуваат, ги критикуваат јапонските власти што даваат празни ветувања додека истовремено го задржуваат американскиот нуклеарен чадор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни