Јана Јакимовска: Сите длабоко хумани идеи можат да се изразат низ јазикот на современата уметност

Јана Јакимовска е ликовна уметница, феминистка и активистка од Скопје. Таа е професорка по сликање и сликарски техники на Ликовната академија при Универзитет Гоце Делчев од Штип, коавторка е на поткастот Радио Милева, а пред сè е активна на македонската ликовна сцена. Повод да поразговараме со Јана е нејзината претстојна изложба со наслов Везилка, која ќе се отвори на 24.09.2025 во 20 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. Ова е нејзина 24та самостојна изложба на која ќе се претстави со цртежи работени низ шаблон на рабиц мрежа, а и големоформатни платна, со концепт инспириран од истоимената песна на Блаже Конески.

Со Јана решивме да поразговараме за нејзините почетоци, творечкиот пат и нејзините размислувања за уметноста.

Трн: Како почна твојата врска со сликарството? Кои беа првите моменти кога знаеше дека ова е твојот пат?

Јана: Не знаев, и уште не сум сигурна дали само ова е патот. Секогаш имав многу интереси, речиси сите од сферата на уметностите, литературата, јазикот. И реално се занимавам и со уште по нешто освен со сликарство, така што имам чувство дека одам низ мрежа од патишта, нешто налик на рабиц мрежата низ која ги создавав цртежите од Везилка. Секако, цртав и сликав многу како дете, и фала им на моите родители кои никогаш не ја потценуваа таа моја пасија. Реалната одлука падна кога размислував кој факултет да го запишам – додека се двоумев, само си замислив како би изгледало да се запишам на што и да е друго, и да запознаам некој кој студира уметност. Тој кутар фиктивен „некој“ веднаш стана објект на завист во моето сценарио и одлуката беше донесена.

Трн: Кај тебе се чувствува силна линија на критичност, хумор и боцкање – како го развиваше својот визуелен јазик?

Јана: Барем за мене, уметноста е екстензија на она што сум и не можам она што го работам да го одвојам од другите преокупации и чувства. Живееме тука и сега, сите знаеме што тоа значи. По природа сум доста смешна, ама и нервозна и нетрпелива кон неправда, површност и демонстрирање моќ. Хуморот го разбирам не само како разонода, туку и алатка која се користи онаму каде немаме моќ да се избориме со помоќниот и неправеден противник.

За мене, тие противници се концептите на патријархат, мизогинија, расизам, хомофобија, но и капитализам и организирани религии – сите тенденции луѓето да ги сместат во трла, во хомогени множества без пресеци каде многу лесно се негува презир кон различноста и омраза кон другиот. Овие концепти одлично функционираат и покрај нивните очигледни лоши страни – функционираат зашто општествата и системите не’ направиле уморни, сиромашни, незаинтересирани, неинформирани, несигурни и уплашени.

Токму на тој страв се хранат и растат овие чудовишта. Немоќта што ја чувствувам пред овие надуени структури на моќ ме тера да се фатам за токму овие оружја кои ги споменуваш – критика како прв начин на посочување на очигледното, хумор како начин да се одземе дел од моќта, и боцкањето – со надеж дека со доволно боцкање конечно ќе пукнат овие смрденикави балони. И бидејќи ова го правам во секојдевниот живот, природно ми доаѓа во голема мера да го правам и во делата кои ги создавам.

Трн:  Дел од твоите дела имаат и социјална критика. Дали уметноста треба да биде политички ангажирана или да остане интимна?

Јана: Прашањево е комплексно и не постои универзален одговор. Таа е израз и одраз на секој поединец кој ја создава, интерпретирана е на илјадници начини од секој поединец кој ја восприема. Уметноста може и треба да биде многу нешта – првенствено слободна и нецензурирана, достапна и распространета, но и апсолутно подложна на критика и расправа. Таа може да биде алатка, но може да е и самодоволна содржина.

Но, за мене лично, она што јас го создавам многу често е политичко, дури и кога не е – бидејќи за мене и личното е политичко, а често и отсуството на политичност е политички став. Но, никако не е само и единствено тоа – создавањето е чувство, идеја, промисла, игра меѓу планот и импровизацијата, медитација, губење и враќање на контролата во еден чин низ кој учиме кога да сме тврдоглави, а кога да се препуштиме на процесот…и оттаму е длабоко лична и интимна практика.

Крикот на Везилката

Трн:  Во твоите дела често има елементи кои зборуваат за телото, сексуалноста и положбата на жената. Како гледаш на улогата на феминизмот во современата уметност, и каде е Македонија во тој контекст?

Јана: Да, често моите дела зборуваат за телесниот аспект на бидувањето жена, можеби зашто низ таа призма и општествено се дефинира нашето постоење и позиција. Но, тоа е најбруталниот, условно најпровокативниот, а често и најповршниот агол на она што го работам. Под површината се обидувам да протнам поттексти, приказни, па дури и информации кои знам дека се потребни да ги чуеме од друг(а), да знаеме дека не сме сами во купот дилеми пред кои сме ставени. Тоа е феминистичкиот придонес преку мојата уметничка практика.

Генерално, сметам дека сите длабоко хумани идеи можат да се изразат низ јазикот на современата уметност. И секако, ме радува дека во светот има тенденција да се остава поголем простор на уметноста создавана од жени.

Македонскиот контекст, пак, е особено интересен – ова, секако, е лично согледување – огромен број македонски ликовни уметници уште го идеализираат тоа речиси историско поместување во сферата на уметноста (кое секако било револуционерно во своето време) кога се напушта фигуративниот израз. Огромен број денешни творци со револуцијата застанале таму. Револуцијата на уметноста не застанала таму, а одамна е префрлена во многу други сфери. Се бијат многу битки на планетава, од стравотни војни до основни човекови права. Кај нас секој ден има по некоја ужасна вест – пожари, фемициди, сообраќајни катастрофи. И можеби во овој контекст се побитни денешните револуции.

Мене ми е етички недозволиво да се сметам за прогресивна, хумана или интелектуалка доколку се застапувам за каква и да е современа уметност додека истовремено поддржувам Трампови и се потсмевам на „педерчиња“. Но, не е се’ така црно – од ова правило постојат и многу, многу исклучоци. Исто така, Македонија има завиден број на жени ликовни уметници, многу од нив се екстремно интересни и квалитетни авторки, а дел од нив балансираат на линијата на феминизмот во уметноста. Природно, најгласни се младите кои се неуморени идеолошки и творечки, и токму нив треба да ги следиме и да им отстапуваме простор.

Трн: Како реагира публиката на твоите дела? И дали институциите даваат доволна поддршка за современите уметници?

Јана: Интересно ми е дека реакциите на тоа што го работам се доста мешани. На луѓето не им е секогаш лагодна перспективата која им ја давам, без разлика дали станува збор за реален контакт со телото во неговата најсирова форма, или пак за емоционалните процеси кои решаваме да ги игнорираме. Се случувало луѓе да влезат и да не успеат да издржат долго во галеријата, ги нервирам и вознемирувам, и тоа е некогаш сосема легитимна реакција.

Но, се’ почесто ми се случува тоа што го работам да најде одглас на друго место, жени да ми кажат колку им значи тоа што зборувам во нивно име. А за институциите? За тоа треба едно цело посебно интервју, за да можеме да ги разглобиме добрите и не толку добрите менаџерски политики на одредени институции. Воглавно, институциите се онолку добри колку што им се добри платите на вработените, колку што е стручен кадарот и колку што е способен оној кој е на чело. Кај нас е како на зелено пазарче – има од се’ по нешто. Па така и ние, современите уметници – во некоја институција ќе налетаме на поддршка налик на сочен златен делишес, а во некоја ќе добиеме црвливо петровче.

Диско Кансуги

Трн: Како изгледа однадвор македонската уметничка сцена?

Јана: Искрено, искуствата надвор ми се главно врзани со нашите културни центри или пак со наши организатори на изложби. Оттаму, тоа сепак се само делумни искуства надвор бидејќи буџетите, организацијата, начинот на работа се македонски. Честопати и публиката е во голема мера македонска. Тоа не е нужно лошо, но не можам да дадам објективен одговор на ова прашање. Сепак, мислам дека македонската уметност не е многу важна точка на светската уметничка мапа, и тоа мислам дека нема врска со квалитетот на она што се создава, туку со нашата многудецениска неспособност да се менаџираме од повеќе аспекти, да создадеме културен идентитет во чекор со времето, да ги пласираме најдобрите место братучедите, и да бидеме вредни и чесни.

Пресечена

Трн: Што ти е инспирација секојдневно? И како изгледа еден твој „обичен“ ден?

Јана: Не верувам дека инспирацијата доаѓа од други сфери, мислам дека доаѓа од самите нас, од она што го живееме и чувствуваме. Тие чувства во својата најсирова форма не се ниту инспирација ниту уметност. Јас емоциите морам да ги оставам да отстојат, да се доведам до состојба на спокој за да можам да почнам да работам на некоја идеја, ги преработувам чувствата во нешто поуниверзално. Уживам да си поставувам ограничувања кои потоа морам да ги надмудрувам.

А, денот? Никогаш не е обичен, и никогаш не успевам да го надмудрам. Работата ми е динамична: на релација Скопје-Штип со студентите од Ликовната академија при Универзитет Гоце Делчев, креативно од дома и ателје, подготовки на поткастот Радио Милева, соработки со Нова Сцена. Се трудам работата (и професионална и домашна) да ја натуткам во 8 часа, за да ми останат 8 часа за второто работно време – мајка, воспитувачка, другарка и соиграчка на една принцеза-ураган. Последните 8 часа ги спијам, сонувајќи подобро утре и поправеден свет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни