Познатата изрека „едно јаболко на ден го држи докторот подалеку“ потекнува од Велс, а првпат е забележана во подолга форма во 1866 година: „Јадете јаболко пред спиење и докторот ќе остане без работа“. Оваа поговорка одекнува и денес, но што вели науката?
Што навистина содржат јаболката?
Иако јаболката не се особено богати со витамин Ц, железо или калциум, тие се полни со други биоактивни соединенија кои имаат силно позитивно влијание врз здравјето. Како што објавува Би-Би-Си, јаболката содржат големо количество фитохемикалии, особено флаваноли — природни соединенија кои се поврзуваат со намален ризик од срцеви заболувања и одржување на здрава телесна тежина.
Црвената боја на кората потекнува од антоцијанините — полифеноли кои позитивно влијаат на здравјето на срцето. Флорицинот, уште еден значаен полифенол во јаболката, има улога во регулирање на нивото на гликоза во крвта.
Дополнително, јаболката се одличен извор на влакна, особено пектин. Овој вид растворливи влакна го намалува нивото на LDL („лошиот“) холестерол и ја забавува апсорпцијата на шеќери и масти, со што придонесува за стабилни нивоа на шеќер во крвта.
Докажани здравствени придобивки
Научните истражувања го потврдуваат позитивниот ефект на јаболката врз здравјето. Преглед на пет студии од 2017 година покажа дека редовната консумација на јаболка го намалува ризикот од дијабетес тип 2 за 18%. Сличен преглед од 2022 година, кој вклучува 18 студии, открива дека јадењето јаболка или пиeњето сок од јаболка може да го намали нивото на холестерол — но само ако навиката се одржи барем една недела.
Истражувањата исто така покажуваат дека урамнотежена исхрана богата со овошје, вклучително и јаболка, може да го намали ризикот од појава на одредени видови рак до 40%. Ова најмногу се должи на биоактивните соединенија и антиоксидансите што ги содржат.
Дали јаболката се поздрави од другите овошја?
„Јаболката немаат многу витамин Ц, железо или калциум, но се полни со други хранливи материи што позитивно влијаат врз здравјето и телото“, вели Џенет Колсон, професорка по исхрана и наука за храна на Универзитетот Мидл Тенеси во САД.
Некои експерти велат дека јаболката имаат „второ највисоко ниво на антиоксидативна моќ од сите овошја“. Флавија Гуцо, вонредна професорка по растителна биологија на Универзитетот во Верона, истакнува дека полифенолите во јаболката се слични на оние што се наоѓаат и во друго овошје и зеленчук.
Полифенолите се моќни антиоксиданси што го штитат телото од слободните радикали — нестабилни молекули кои можат да ги оштетат клетките и да предизвикаат воспалителни процеси. Со нивно контролирање, се намалува ризикот од развој на хронични болести како рак и срцеви заболувања.
Извор: Index.hr