Во едно општество каде што инклузијата и правата на жените се сè уште предизвик, Ѓултен Мустафова е гласот што неуморно се бори за вистинска интеграција на жените од ромската заедница во општеството. Како проектен менаџер во „Ромалитико“ и долгогодишен активист, таа ја разбира комплексноста на системските бариери, но и моќта на образованието и заедничкото живеење како клучни фактори за промена.
Мустафова не зборува само теоретски, нејзината работа е директно поврзана со реални проекти што носат видливи резултати. Од борбата против сегрегацијата до застапувањето за еднакви можности, таа сведочи за предизвиците, но и за надежта што ја носи секој мал чекор напред.
Во ова интервју, разговараме за нејзините искуства, за системските и културните бариери со кои се соочуваат жените Ромки, за образованитео, економската положба, стереотипите и насилството врз жените како и патот до родова еднаквост и економска независност.
Ѓултен Мустафова ни открива што значи да се биде дел од оваа борба и зошто никогаш не треба да се откажеме од неа.

Tрн: Работите доста на терен. Kаква е економска позиција на Ромките денес во нашето општество?
Ѓултен: Ситуацијата на Ромките во денешното општество не е на многу завидно ниво, иако невладините организации доста работат и сами и во соработка со владиниот сектор. Постои Национален акциски план за унапредување на состојбата на жените Ромки во Северна Македонија, но сепак, иако се работи долго време, ситуацијата сè уште е за жал не толку добра. Имено, жените се најмногу дискриминирани, за разлика од целата популација Роми. Податоците и бројките на Светска Банка покажуваат каде се наоѓаат жените Ромки во денешно време во Македонија. Согласно тие последни податоци кои што се достапни од 2024 година, во сиромаштија живеат околу 87 проценти од Ромите, а од нив само 8 проценти од жените Ромки се формално вработени.
Голем дел од нив се вклучени во неформалното вработување, поголемиот дел како хигиеничарки. Ваквиот начин на работа носи трајни последици во поодмината возраст, бидејки голем дел од овие жени немаат можности да го користат правото на пензија и други права коишто ги нуди системот и државата.
Исто така во делот на образование, согласно последните податоци од учебната 2023/24, 62 проценти завршиле основно образование во споредба со жени, односно девојчиња кои што не се Ромки, а податокот за комплетирано основно образование е околу 25 проценти, што значи дека огромен е бројот на осипување на девојчињата од образованието.
И тоа само зборуваме за основно образование. Во моментов ги немаме податоците за средно и за високо образование, но осипувањето и таму е во голем процент и тоа пред сѐ од причини како што сè уште рани бракови, различни традиционални вредности или норми. Овие причини се сè уште застапени во нашето општество и најмногу ги офаќаат жените, а особено нели ако сте жена Ромка и живеете во рурална средина.

Трн: Здравството е еден од најглемите проблеми за Ромите. Се менува ли нешто за Ромките?
Ѓултен: Многу е важно да спомнеме дека на генерално ниво во Македонија, лица коишто немаат здравствено осигурување се само четири проценти, а жени Ромки се шест проценти.
Значи бројот на здравствено неосигурани Ромки е навистина огромен, истовремено е важно да се спомне и просекот на живот кај жените Ромки кој е за десет години помал од жените генерално во Македонија. Доколку просекот на живеење на жена во Македонија е седумдесет и седум години, кај Ромките тоа е шеесет и седум годишна возраст. Што значи дека во секој поглед и статистичките податоци покажуваат дека жените Ромки сè уште се наоѓаат некаде назад во општеството, сè уште на маргините и дека иако треба да се работи на подобрување и напредување во состојбата на Ромите генерално, но уште повеќе треба да се работи на состојбата на жените Ромки во рамките на таа заедница и најмногу во руралните средини, каде што тие најчесто и немаат пристап до здравство, до социјална заштита и до сите овие услуги коишто ги нуди државата.
Tрн: Има ли подобрување на состојбата во последните години? Дали постои некаква нагорна линија или некаков тренд на подобрување во образованието, здравството?
Ѓултен: Има унапредувања во делот на образование најмногу, иако има намалување на процентот на девојчињата кои посетуваат училиште. Сепак има унапредувања со помош на проектите кои што беа порано достапни, но сега се истите се институционализирани во рамки на Министерството за образование и наука, односно со помош на стипендиите што се даваат и во основно и во средно, а сега и во високото образование. На тој начин се поттикнуваат девојчињата да го комплетираат своето образованието. Така да овие проекти се навистина важни. Со програмите за стипендирање кои ги нуди државата, тие треба да аплицираат, но со проектите ние директно одиме на терен и ги охрабруваме за да можат да го комплетираат своето образование и добиваат поддршка во текот на целиот тој процес се до комплетирање на образованието. Затоа е важно да имаме вакви проекти и во иднина. И не само тоа, ние некако ги спојуваме различните проекти кои што ги работиме со тоа што по комплетирање на основно образование и во рамки на овој проект што беше промовиран на конференцијата пред неколку дена, финансиран од страна на Европската Унија, ќе се работи на тоа да тие коишто веќе формално го комплетирале своето основно или средно образование преку други проекти на Ромалитико, во иднина да можат да се направи некакво спојување со потенцијални работодавци на локално ниво во руралните средини. Целта е да ги споиме за да може да остварат и вработување и на тој начин да се зајакне нивната економска независност.

Tрн: Колку културните традиции и стереотипите влијаат на улогата на жената Ромка во заедницата каде што живее?
Ѓултен: Дефинитивно многу влијаат, а пред сѐ затошто сè уште живееме во такво општество. Со тек на годините за среќа се сменети доста работи, за разлика од пред дваесет години. Но сепак остануваат доста стереотипи за тоа дека девојчињата не треба да го комплетираат основно образование, дека тие треба порано да се омажат. Тоа, за жал, сè уште го има во некои рурални средини и треба да се работи на искоренување на тие традиционални сфаќања. Ние мора да ги охрабруваме да се запишуваат во училиште.
Tрн: Во тој контекст колку патриархалната средина и структура ги ограничува понатаму во нивните професионални слободи или професионалните избори?
Ѓултен: Има ограничувања, пред сѐ како и за сите жени во општеството, самото стапување во брак или доколку имаат деца им претставува препрека за да продолжат понатаму да ја градат својата кариера. Исто така во политиката имаат многу ограничен пристап, скоро и да ги нема жените Ромки. Не можеме да ги видиме на политичката сцена последните неколку години наназад, освен што имавме во последниот парламентарен состав една пратеничка Ромка, други жени Ромки активни во политика немало, потребни се повеќе жени во политиката кои што можат да се изборат за правата на жените Ромки. Имаме вработени жени Ромки во институциите, но на раководни позиции имаме само две, за жал во сите институции. Останатите работат повеќе административна работа и немаат многу право на глас да може се борат за ова прашање. Исто така и многу ретко ги назначуваат во одредени национални нели координативни тела, како што е Националното координативно тело за имплементација на стратегијата за да можат заеднички да работат на унапредување и да го презентираат правото и глас-на жените во тие институционални тела.

Tрн: Колку мислите дека е важно да има што повеќе жени на раководните позиции, не само како глас на жените, нели, туку како пример од другата страна за жените Ромки?
Ѓултен: Па, треба да има, затоа што се покажало досега дека кога работите директно, кога работите на одредено прашање кое што се однесува на одредена таргет група, треба да има претставници од таа таргет група. Затоа што поинаку не може вие да ги знаете проблемите со коишто тие се соочуваат секојдневно. Затоа е важно жените да бидат на раководни позиции и да можат да се изборат за своите права, затоа што тие најдобро ги знаат проблемите со коишто се соочуваат секојдневно и да креираат политики кои што се во таа насока. Прашањето на жената Ромка треба да се разгледува хоризонтално во сите политики кои ги носи држвата но истовремено треба да има и специфични активности коишто се однесуваат на нивното унапредување. Во таа насока би сакала да спомнам дека во сите осумдесет општини имаме предвиден буџет кој се однесува на унапредување на родовата еднаквост. Но, но во ниту една од овие општини немате ништо што се однесува на маргинализирани групи на жени, да речеме на жените Ромки. Буџетирањето се планира генерално за родовата еднаквост и не се внимава да се покријат потребите на сите таргет групи коишто живеат во таа општина.
Трн: Насилството врз жените Ромки за жал останува предоминантна тема и проблем кој како да не се менува…
Ѓултен: Бројките се големи. Во овој момент ги немам тие бројки, но насилството за жал постои. Најголеми процент на жени жртви на насилство и трговија со луѓе се жени и девојчиња Ромки. Но бројките не се многу јавно достапни од страна на институциите. Познавајќи го теренот и работејќи во оваа област, можам да кажам дека висок е процентот на жени Ромки коишто се жртви на семејно насилство, а и на трговија со луѓе. Така да треба во иднина државата да има стратегија за да се справува со овие појави. Во последно време се отвори советувалиште во општина Шуто Оризари, за жени жртви на насилство. Сите жртви на насилство немаат исти потреби, тие имаат различни потреби и различни барања. Како пример ќе ја спомнам жената Ромка, како жртва на насилство, нема свој имот или поддршка од родителите за да и помогнат, во оваа насока таа има потреба од обезбедување на домување
Трн: И само за крај кажи ни кој е примерот кој една млада Ромка сака да го следи, едно младо девојче? Kој е патот кој го посакува за да го мине во општество кај нас?
Ѓултен: Најважно е да се заврши образованието, значи мора да се комплетира основно, средно, па и високо образование и да се избори за своите права. На тој начин ќе ги знае своите правата, ќе знае каде да си ги бара правата и да ги оствари истите. И секако дека вработувањето е навистина важно, заради економската независност, без разлика на било која традиционална норма што може да ја потиснува, таа мора да се избори. Со образование и вработување добива и право на глас.