Новак Ѓоковиќ беше елиминиран во првиот настап на овогодинешниот Мастерс во Индијан Велс. На еден од најсилните турнири, кој го освои рекордни пет пати, српскиот тенисер беше елиминиран во второто коло од холандскиот аутсајдер Ботиќ ван де Зандшулп, кој победи со 6:2, 3:6, 6:1.
Ѓоковиќ (36) беше елиминиран од седум години помладиот ривал, 85. светски тенисер, кој нема освоено ниту еден турнир во кариерата.
Она што го прави овој исход уште поизненадувачки е тоа што Ван де Зандшулп во главната ждрепка дојде како „среќен губитник“. Тој не успеа да се квалификува за Мастерсот во калифорниската пустина, но влезе на турнирот откако Факундо Дијаз Акоста се повлече. Тој во првото коло го совлада Ник Киргиос, а сега со триумф над Ѓоковиќ обезбеди трето коло.
Ова е трет пораз во низа за српскиот гигант. Откако по првиот сет се предаде во мечот со Александар Зверев во полуфиналето на Австралија опен, Ѓоковиќ беше елиминиран и на стартот во Доха од Матео Беретини. Сега, со предвременото испаѓање во Индијан Велс од Ван де Зандшулп, тој загуби три меча по ред. Ова не му се случило на Ѓоковиќ од 2018 година.