Ќе го затвори ли НАТО воздушниот простор над западна Украина?

Полскиот министер Сикорски тврди дека Русија губи во конфронтацијата, а НАТО размислува за затворање на небото над западна Украина како одговор на руските дронови.
General view of the meeting

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски смета дека Русија „го изгубила судирот“ што го започна со упадот на дронови во Полска на 10 септември. Во интервју дадено на маргините на конференцијата Јалта Европска Стратегија (YES) во Киев, Сикорски изрази оптимизам во однос на одговорот на НАТО и понатамошниот развој на настаните, пишува Kyiv Independent.

„Мислам дека Русија ја изгуби оваа конфронтација“, изјави Сикорски.

Тест за НАТО

За време на нападот, Полска успеа да собори само три или четири од 19-те дронови што влегоа во нејзиниот воздушен простор, а еден од нив падна речиси 400 километри западно од украинската граница. Инцидентот ги натера сојузниците од НАТО да подигнат борбени авиони вредни милиони долари за да се спротивстават на дроновите чија вредност се мери во илјадници.

Варшава по нападот формално побара консултации според Член 4 од НАТО договорот, кој им овозможува на земјите-членки да дискутираат кога сметаат дека нивната безбедност е загрозена. Тој чекор сепак не го достигна нивото на Член 5, кој напад на една членка го третира како напад на сите. НАТО на 12 септември најави нова операција за одвраќање наречена „Источен стражар“, но Сикорски објасни зошто Русија не претрпела одмазда: „бидејќи штетата беше само помала материјална и никој не загина.“

На прашањето дали „смрт на луѓе“ или напад на аеродромот Ржешов, клучна логистичка точка за помош на Украина, би бил доволен за активирање на Член 5, Сикорски се согласи. „Русија опасно се приближува до тоа“, додаде. „Некои медиуми шпекулираат дека патеката на некои дронови беше кон Ржешов, главниот аеродром низ кој поминува опремата за Украина. Нашата прва должност е да го заштитиме тој центар од руска саботажа, шпионажа и кинетички напади.“

Зајакната соработка со Украина

Полскиот министер смета дека рускиот напад бил обид за тестирање на одбраната и решителноста на НАТО на источниот фронт. Иако го оцени полскиот одговор како успешен, призна дека земјата мора подобро да се подготви за идни напади. Заканата се потврди неколку часа по интервјуто, кога руски дрон влезе во воздушниот простор на Романија.

Украина понуди помош на Полска за зајакнување на капацитетите за електронско војување и пресретнување на дронови, користејќи поевтина опрема за соборување беспилотни летала. Полското министерство за одбрана потврди на 12 септември дека експерти од двете земји ќе вежбаат користење на системи против дронови на полски териториј.

„Тоа е уште една работа што (претседателот Владимир) Путин ја постигна со овој напад. Сега нашата јавност, правилно, бара поблиска соработка со Украина затоа што вие имате најнови и најрелевантни искуства“, рече Сикорски, додавајќи дека Путин „можеби ја забрза полско-украинската соработка во производството на оружје.“

„Затворање на небото над Украина повторно на маса“

Сикорски потврди дека по нападот на Полска може повторно да се разгледува идејата за затворање дел од украинскиот воздушен простор со користење на противавионска одбрана стационирана во земјите на НАТО. „Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиќ, повторно ја потврди оваа украинска понуда… Мислам дека со своето дејствување претседателот Путин можеби ја унапреди оваа идеја бидејќи заедно управуваме со нашиот простор, и мислењето се поместува кон таа идеја“, рече.

И покрај сè, Сикорски верува дека НАТО покажал единство и подготвеност. „Верувам дека му покажавме на Русија дека НАТО е подготвен и обединет“, заклучи.

Од друга страна, изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп не беа толку охрабрувачки. Трамп за Fox News, коментирајќи го нападот на Полска, рече дека „нема да брани никого“. Подоцна додаде дека Русија би ја казнил со „големи“ санкции само ако сите членки на НАТО се обединат, престанат да ја купуваат руската нафта и воведат царини на Кина.

Сикорски ја поддржа Трамповата побарувачка за прекин на увозот на руска енергија, критикувајќи ја Унгарија, но беше повнимателен околу прашањето за царините кон Кина. „Треба да го санкционираме агресорот. Агресор е Руската Федерација. Во Европа воведовме 18 пакети санкции. Работиме на 19-тиот пакет“, рече Сикорски.

Што значи затворање на небото?

Кога се зборува дека НАТО може да „затвори небо“, се мисли на воведување забрана за лет (но-флај зона) над одредена област.

Тоа во пракса значи НАТО да распореди противавионска одбрана и борбени авиони за да спречи непријателски авиони, проектили или дронови да влезат во тој воздушен простор. Ако некое летало сепак влезе, ќе биде соборено.

Во контекст на Украина, затворањето на небото би значело дека НАТО го презема контролата над дел од украинскиот воздушен простор, користејќи системи за противавионска одбрана стационирани во земјите-членки на НАТО (на пример, Полска, Словачка или Романија), со што Украина би била дополнително заштитена од руските ракетни и дронски напади.

Ако НАТО го затвори небото над Украина или барем над дел (на пример, покрај границата со Полска и Романија), тоа би значело де факто влез во војна со Русија, бидејќи сојузниците би морале да соборуваат руски авиони и ракети. Поради огромниот ризик од поширока војна, оваа опција досега беше отсекогаш одбивана, но со зголемените инциденти како нападите со дронови на Полска и Романија, повремено повторно се отвора во политичките дискусии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни