Ова остава големо прашање во главите на поддржувачите на Биткоин: Дали Трамп всушност ќе го помилува Рос?
Дел од нив се убедени дека Трамп ќе остане на зборот и ќе го ослободи Улбрихт од затвор, но дел се скептици. Поддржувачите на Трамп сметаат дека ништо не сугерира дека новоизбраниот претседател ќе направи нешто поинаку од тоа што го ветил. Според нив, релативно лесно е за Трамп да го исполни ветувањето, со оглед на неговата континуирана поддршка за Биткоинот и криптовалутите.
Судејќи по профилот на социјалната мрежа на X на Улбрихт, воден од неговата жена, тој веќе се подготвува да стане слободен човек.
„Како моја последна резолуција за 2024 сакам да учам секој ден за да се подготвам за слобода“ е објавено на профилот.
Рос Улбрихт е во затвор од 2013 година за креирање и водење на веб страницата „Патот на свилата“ (Silk Road), каде што корисниците можеа да продаваат и купуваат работи анонимно, а сите плаќања се вршеа со Биткоин.
Неговите поддржувачи го опишуваат како ненасилен престапник на законот, кој претходно не бил осудуван.
Улбрихт беше осуден на две доживотни затворски казни плус 40 години, без можност за условен отпуст. На неговото судење, тој не беше обвинет за предизвикување повреда и не беше наведена ниту една жртва. Нему не му се судеше за продавање дрога или нелегални производи сам, туку беше одговорен за тоа што другите го продаваа на Silk Road, каде што најмногу се продаваше дрога.
Во 2022 година, Улбрихт се обрати до претседателот Џо Бајден барајќи да биде помилуван, објаснувајќи дека не ја креирал веб страницата со лоши намери и дека само ја промовирал либертаријанската идеологија, во која верувал. Тој исто така напиша дека доколку е ослободен нема да направи ништо што го крши законот.