Во рамките на посетата, министерот ја разгледа меморијалната поставка посветена на великанот на македонската книжевност, Петре М. Андреевски, во неговото родно село Слоештица. Тој посочи дека состојбата на меморијалната соба не е онаква каква што неодамна беше претставена во јавноста.

„Лично се уверив дека меморијалната соба не е запоставена и дека сите објави во јавноста се невистинити. Во неа има само лични предмети и фотографии на македонскиот поет, романсиер, раскажувач и драмски автор кои се во солидна состојба, а условите за нивно чување се соодветни. Воедно, загриженоста за ракописите е неоснована бидејќи тие се безбедно зачувани во МАНУ“, изјави Љутков.

Министерот додаде дека Министерството е подготвено, доколку семејството даде согласност, овој објект да го води и за него да се грижи новоформираната невладина организација, или пак да биде под Домот на културата и да се вклучи Министерството со одредена поддршка.

„Петре М. Андреевски не е само писател – тој е дел од духовниот темел на нашата држава. Нашата задача е да го чуваме, негуваме и гордо да го пренесуваме неговото наследство на идните генерации“, нагласи министерот.
Во текот на престојот во Демир Хисар, министерот ги посети и НУ Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“ и Домот на културата „Илинден“ каде што е сместена и библиотеката „Петре М. Андреевски“. Министерот Љутков престојот во Општина Демир Хисар го заокружи со посета на приватната библиотека „Ал-Би“ во с. Бабино и Слепченскиот манастир, кои се сведоштво за културната и духовна традиција на регионот.