Македонија со своето културно наследство дел од мрежата на европските културни рути

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на отворањето на Форумот посветен на културните рути на Советот на Европа на кој беа презентирани културните рути во кои е вклучена и нашата држава: „Рута на Св. Кирил и Методиј“, „Винска рута-Итер Витис“ и „Рута на римски иператори и Дунавска винска рута“.

Според Љутков културните рути не се само туристички патеки. Тие се патишта на вредности, дијалог, споделено наследство и европско заедништво. Затоа Форумот е одлична можност за дискусија, размена на идеи, мислења и искуства со експерти и учесници од различни сфери за идниот развој на оваа област.

„Со повеќе од 40 сертифицирани рути, Советот на Европа ни покажува како културата може да биде мост – меѓу историјата и современоста, меѓу локалното и глобалното, меѓу народите и нациите. Република Македонија, како земја која веќе активно учествува во „Рутата на Свети Кирил и Методиј“, „Винската рута Итер Витис“ и „Рутата на римските императори и Дунавската винска рута“, преку своето исклучително богато и разнолико културно наследство, има значаен потенцијал не само да биде дел од оваа мрежа, туку и да придонесе како рамноправен креатор на нови иницијативи.  Наша обврска е да ги истакнеме и презентираме вредностите со кои располагаме – од античките траги до современите културни практики, од духовното наследство до живата традиција“, рече Љутков.

Министерот потенцираше дека Културните рути на Советот на Европа се важен инструмент за развој на културниот туризам, кој ќе го зголеми интересот за нашата држава како дестинација и ќе придонесе за зајакнување на економијата преку туризмот.

Токму од тие причини, додаде Љутков,  овој форум го гледам како отворена покана – да ги споделиме идеите, да соработуваме, да размислуваме стратешки и креативно. Да создадеме културни рути што нема само да ги водат туристите, туку ќе ги носат вредностите на нашите заедници низ Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни