Љубов во(н) спектарот

„за да љубиш треба храброст
веќе не се чувствуваш сам…“

Пред неколку недели ми ја подарија „Сè за љубовта“ од авторката, феминистка и теоретичарка бел хукс. Немам оправдување зошто не сум ја прочитала порано, ниту изговор конечно да го напишам овој текст што стои во мене некое време. За да почнам од некаде, морам да споменам дека јазикот на кој пишува хукс е непосреден и едноставен, што книгата ја прави многу достапна до пошироката публика. Исто така, Љубов во спектар од Скопје ремикс оди во позадина сето време додека пишувам, па го поттикнува овој порив за текстот да се излее конечно и веројатно да ми олесни. Не сум сигурна дали е модерно да се пишува за љубовта, но знам дека е прилично комплексно и на моменти нелагодно, а многу важно и потребно.


Да се чувствува и промислува љубовта како ослободување во континуитет, го гледам како еден од можните начини за бунт и отпор кон границите кои хетеронормативните општества ги посеаја одамна врз нашите чувства. И пишувањето на хукс е такво. Секој текст е шанса за артикулирање на тој отпор, кој треба внимателно да се искористи, бидејќи шанси ни останаа многу малку. Низ животот формираме безброј трогателно моќни врски со многу луѓе. Дел од нив остануваат многу долго, дел од нив се само кратко сретнување, дел се процеси кои никогаш како да не се отплеткуваат. Преку сите нив пробуваме да споделиме нешто заедничко – грижа, надеж, трпение и желба за препознавање на еден кон друг и еден со друг, која некогаш се реализира, а некогаш не.

Да се живее во традиционално и патријархално општество, во оваа смисла, значи градење свесност дека одново и одново треба да се одучуваат наметнати дефиниции на нешта толку важни како љубењето и да се пркоси на толку многу нивоа за кои авторката зборува во книгата. Колку тешко и колку важно нешто. Да се учи одново после толку добро време како вистински го препознаваме другиот и како го чувствуваме, да се рестартира она што сме го усвоиле како конвенционално, еднострано разбирање низ животот преку многу грижа.

Сè што знаеме на ниво на нашите заедници се ограничувања, стравови и судови во вака поставените општества. Имаме дефиниции со истечени рокови кои ја централизираат романтичната хетеро врска како ултимативен симбол на љубовта. Промашуваме да се видиме себеси како испреплетени магични врски преку кои таа се манифестира секој ден. Да се отворат перспективите кон тоа пошироко и подинамично разбирање на љубовта е момент кој може да смени многу во динамиката на една заедница.

Традиционалното општество упорно го става фокусот во некакви пропишани очекувања за нашиот внатрешен живот, додека животите и можностите да се подобруваме и усреќуваме нè чекаат во ослободувањето од централизацијата на чувстувањето и негово распрскување. Зошто? За да си дозволиме да бидеме допрени и трансформирани од нови видови на поврзување кои нестандардно ќе нè протресат и ќе нè пораснат, затоа што нашата вредност како луѓе постои и во однос на животните, природата и системот кој го создаваме и во кој веруваме, не само во рамките на она што значи да се биде човек. Затоа што никогаш не сме сами, но важно е да се гради континуирано свесноста за тоа, за нови дефиниции, за нови пристапи и доживувања од кои не се плашиме, туку напротив, им дозволуваме да го збогатат нашето човечко и колективно искуство и со тоа да придонесат да има поголема смисла ова живеење. Затоа што и кога сме сами, кога немаме и/или не сакаме да имаме партнери и кога сме изгубиле некој кој сме го сакале или длабоко тагуваме односи кои ни значеле, имаме подеднаква важност и улога во заедницата каде припаѓаме. Затоа што љубовта како концепт широко го обединува чувството на човечност, грижа, солидарност во секој сегмент каде сме се почувстувале дека нешто даваме и добиваме. Затоа што нашите лични избори кого и како го љубиме се нашата интимна моќ и сила да опстоиме овде.

Љубовта за хукс е една нежност и слобода која значи препуштање, значи негување и меѓусебна посветеност која мора да произлезе од меѓусебната обврска едни кон други. Таа е чувстување кое е надвор од познатиот спектар, тагување надвор од постоечките правила и очекувања, споделување наспроти оттуѓувањето. Пред сè, таа е широчина.

Надвор од спектарот, таа е борбата против цинизмот и апатијата во која запаѓаме кога мислиме дека никогаш на ништо не припаѓаме и дека нашето делување во светот не прави никаква разлика. Оттаму, секогаш кога ја одбираме во било која смисла, кога бираме љубов која пркоси на нормите, на конзервативноста, на стравот, му покажуваме на светот дека храбро и бескомпромисно сме дел од него и не се плашиме од тоа да сме ранливи, комплексни и автентични. Дека и покрај сè не се плашиме од тоа да бидеме сакани и да сакаме, а со тоа да бидеме и подобри луѓе, разбирајќи ја љубовта многу широко, флуидно и транформативно.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни