Според официјалните податоци Јужна Кореја со 20 проценти од населението на возраст на 65 години и повеќе е „многу старо општество“.
Кон крајот на минатата година, во четвртата по големина економија во Азија, имаше 0,7 раѓања по жена – една од најниските стапки во светот и далеку под стапката од 2,1 потребна за одржување на сегашната популација. Поради тоа населението во Јужна Кореја старее и брзо се намалува. Сега во Јужна Кореја живеат над 10 милиони луѓе над 65 години и повеќе, што е 20 проценти од вкупното население – 51,2 милиони луѓе.
Во соопштението од Министерството за внатрешни работи се наведува дека бројот на возрасни луѓе од 2008 година се зголемил повеќе од двапати, кога на 65 години биле околу пет милиони луѓе.
Иако Владата инвестираше милијарди за поттикнување на раѓањето, особено нудејќи помош за замрзнување на јајцеклетките, овие мерки не ги дадоа очекуваните резултати.
Се очекува населението да се намали на 39 милиони до 2067 година, кога се очекува просечната возраст да биде 62 години.
Според експертите малиот број на бракови и раѓања во Јужна Кореја е поврзан со високите трошоци за образование, брзото зголемување на цените на недвижностите и конкурентниот дух на јужнокорејското општество, што го отежнува наоѓањето добро платена работа. Друг клучен фактор, според експертите, е двојниот работен ден на жените, кои додека се занимаваат со кариера, ги преземаат поголемиот дел од домашните обврски и воспитувањето на децата откако ќе се вратат дома.