Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Авторка е на стихозбирките: „Рајсфершлус“ (2024); „Отворена книга“ (2017) и „Комарци“ (2010), на романот „Годишни времиња“ (2014); на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев (2022), за која ја освои наградата за најдобар текст во сликовница за книги издадени во 2021 и 2022 година на Меѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“, и на повеќе од триесет и пет книжевни преводи. Нејзините песни се препеани и објавени на дваесет светски јазици. Нејзиниот роман „Годишни времиња“ беше преведен на бугарски јазик (Ерго, 2017), избор песни „Кутија на стравот“ беше преведен на азербејџански јазик (Зардаби, 2024), избор песни во превод на англиски јазик под насловот „Очекувам лавови“ (“Expecting Lions”) наскоро ќе излезе од печат во издание на „Три Спајр Прес“ (Three Spire Press), од Корк, Ирска, а нејзината книга за деца „Ведра“ е преведена на азербејџански (МДизајн, 2025). Нејзини песни и куси раскази се застапени во неколку антологии во земјата и во странство.
На Денот на Словенските просветители со неа разговаравме за македонскиот јазик и за новната мисија, за предизвиците на издаваштвото и за младите автори и поетските фестивали, за важноста на книгите и читањето.

Трн: На 24 Мај го славиме делото на солунските браќа. Колку, според Вас, современото македонско општество ја продолжува нивната мисија за описменување, образование и духовно осознавање?
Јулијана: Сѐ додека мисијата на светите браќа ја славиме како одраз на минатото, наместо да ја продолжиме како проект за иднината, ќе тапкаме в место или минимално ќе се движиме нанапред, повеќе по инерција отколку со вистинска енергија, заложби и резултати.
Денес нивната мисија мора да продолжи на дигиталното поле. И македонскиот јазик, и кирилицата како негово официјално писмо, мора да стигнат таму каде што се младите – на „Јутјуб“, во „Мајнкрафт“, „ Роблокс“, во образовни игри, мобилни апликации и на дигитални платформи. Бидејќи, едноставно, обратниот процес во кој тие ќе се вратат кон „традиционалните“ алатки, нема да се случи.
Затоа, новите Кирил и Методиј треба да бидат дигитално писмени, иновативни и технолошки вешти луѓе што ќе знаат како да го пренесат јазикот во современиот свет. За среќа, има добри иницијативи од некои поединци и мали групи/здруженија, како што се Ласко Џуровски, „БУКИ“ и слично, но за да имаме системски одржливи решенија, неопходна е државна стратегија. Потребни се институции што ќе го водат овој процес – долгорочно, посветено и приспособливо на брзината на промените.
Со моменталната состојба, кога дури ни учебниците не се усогласени со стандардизирана кирилица, кога некои букви се погрешно претставени уште од прво одделение, кога на дигиталниот речник се работеше предолго… ние сериозно доцниме. А денешното време не трпи долги и тромави процеси. И не е веќе прашање дали дигитализацијата ни се допаѓа или не, или, дали можеме да го направиме тоа или не. Ако сакаме да успееме – тоа е единствената насока.

Tрн: Koи се најголемите предзвици во издаваштвото денес?
Jулијана: Ние сме мал, независен издавач ориентиран, главно, кон поетски книги, како и издавач на бројни македонски автори, така што говорејќи во мое име би рекла дека главните предизвици се финансиите. Најпрво затоа што македонскиот пазар за книги едвај може да се нарече пазар, и заради малиот број говорители на јазикот и заради малиот број читатели, но и уште помалиот број читатели на поетски книги и читатели што им даваат шанса на нашите домашни автори. Иако, мора да кажам дека состојбите, барем во односот кон домашните автори, денес се значајно подобрени од тоа какви беа пред 15 години кога почнавме со оваа работа, а за тоа сме заслужни и ние со нашиот труд внесувајќи свежина и динамика во начинот на кој се одржуваат книжевните промоции, и со организирањето други книжевни читања и настани, преку кои им ги доближуваме домашните автори на читателите, а се разбира, во таа неформална „акција“ се придружија уште неколку други издавачи што им даваат предност и поддршка на домашните автори, особено би ги издвоила „Или-или“ што ги поддржуваат прозаистите и „Чудна шума“ што ги поддржува авторите и илустраторите на книгите за деца.
Во однос на финансиите би додала и дека одлуката на Министерството за култура да финансира преводи на комерцијални книги со високи суми, наспроти одлуката на младите македонски автори, па и на повозрасните, да им ги ограничува износите на хонорарите во зависност од бројот на претходно издадените книги не земајќи го предвид квалитетот и обемот на понудениот проект ‒ како погубна и штетна за македонската книжевност, и искрено се надевам дека следната година условите за конкурирање на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес ќе бидат подобрени и ревидирани и во полза и со однос на почит кон македонските писатели, токму оние што го одржуваат македонскиот јазик и се неговите најгласни амбасадори во светот.
Tрн:Вие сте активен организатор на поетски и книжевни настани. Колку ваквите фестивали и собири помагаат во заживување на културниот дијалог и промоција на книжевната младина?
Jулијана: Ваквите собири пред сѐ придонесуваат да се формира сцена, а кога имате сцена имате квантитет што неминовно ќе изроди и квалитет, бидејќи на сцената постои дружење, размена, па и здрава конкуренција. Настаните што ги организираме често се насочени да ги поврзуваат разните генерации автори, од највозрасните до најмладите ‒ почетниците, и сметам дека сите имаат можност да учат едни од други. Таквите размени на идеи и споделување на напишаното пред различна публика секогаш помага и за заживување на културниот дијалог и за промоција на нашите книжевници, а, се разбира, од тоа се надевам најмногу придобивки ќе имаат младите.

Tрн: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат младите книжевници во Македонија денес – уметнички, институционални или општествени?
Jулијана: Сметам дека најголемиот предизвик за младите книжевници денес е малиот број уредници и ментори што вистински ќе ги насочат да го подобрат својот израз, да стигнат до својот автентичен глас и да издадат ракопис кога ќе биде зрел за тоа, како и доаѓањето до средства за издавање на нивните книги.
Во оваа насока би споменала и дека, за жал, и на нашата, но и на светската книжевна сцена, постојат и разни начини да се злоупотреби нивната наивност и кревкото его, па често наместо соодветна поддршка и конструктивна критика, младите добиваат тапкање по грбот, .ЈПЕГ дипломи за наводни успеси, и бидуваат ограбени во случаите кога ги самофинансираат нивните книги непроверени ниту од уредник, ниту од коректор, редактор или лектор. Првата книга е и првиот впечаток што го оставаме кога влегуваме на книжевната сцена и апелирам до младите мудро да одлучуваат кому ќе му го доверат својот прв ракопис затоа што така си ја трасираат иднината.
Tрн: Каква е улогата на книжевните фестивали како платформа за младите поети, и како тие придонесуваат за културна размена и интеркултурен дијалог?
Jулијана: Книжевните фестивали, особено инетрнационалните, се одлично место за запознавање со различни поетики, со различен пристап кон стихотворењето, а младите не само што би биле запознаени со сите тие нешта, и не само што, еве на Скопскиот поетски фестивал или на Поетска ноќ во Велестово имаа прилика и да посетат работилници за креативно пишување, можат да стекнат и значајни пријателства со поетите што ни гостуваат, а тоа да вроди со покани да настапат на фестивали надвор од земјата и да бидат препеани на други јазици. Фестивалите се вистинското место за сите што сериозно сакаат да се занимаваат со пишувањето.
Tрн: Во време на брзата дигитализација и кратките форми, како ја задржуваме важноста на книгата, на читањето, и на тивката духовна работа?
Jулијана: Сметам дека читањето и вртењето кон себе, себеспознавањето, никогаш нема да излезат од мода. Уметноста отсекогаш била дел од животот на луѓето и ако еднаш почнавме со ритуални песни, танци и слики на ѕидовите на пештерите, а денес сме каде што сме, не гледам зошто би имале проблем само поради поинаквите средства за креативно изразување. Промените се единствената константа и најмудро би било да ги прифатиме и постојано да се проспособуваме.
Tрн: Кои македонски просветители или автори најмногу Ве инспирирале во Вашата работа?
Тоа најпрво би биле сите оние незнајни автори што ја создале македонската народна усна книжевност попознати под називот „народен гениј“, а потем сите други наши автори што во исклучително тешки услови се снаоѓале да остават трага од нивната лична и нашата колективна меморија и вистина, а од имињата на домашните автори што влијаеја врз моето создавање како писател би ги издвоила браќата Миладиновци, Григор Прличев, Петре М. Андреевски, Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Дејан Дуковски. Денес, им се восхитувам на многуте млади автори чијшто труд и развој, за среќа, можам да ги сведочам, а во оваа прилика би ги издвоила Андреј Ал-Асади и Павлина Атанасова, како гласови што верувам ќе остават значајна трага зад себе.