Во 1974 година, Југославија стана првата земја во светот која во својот устав прогласи дека „основно човеково право е слободно да одлучува за раѓањето на деца“. Во време кога многу држави дебатираа за контрола на населението и често прибегнуваа кон присилни мерки, Југославија тргна по спротивниот пат, гледајќи на репродуктивниот избор како на прашање на права и слободи.
Тоа не беше случајно. Вида Томшич, словенечка правничка и феминистка, одигра клучна улога во обликувањето на оваа визија, поврзувајќи ја медицината, граѓанското општество и политиката за да се обезбеди репродуктивна слобода.
Југославија во 60 тите години на минатиот век
Уште порано во историјата на поранешната држава, во 1935 година на 17-от Конгрес на југословенските лекари се појави предлог за легализација на абортусот (од немедицински причини), поради големиот број нелегални абортуси, нестручни изведувачи и нехигиенски услови, што доведуваа до значителен број здравствени компликации и смртни случаи. Овој предлог беше силно осуден од Српската православна црква, и затоа не беше усвоен.
Во Југославија во 1960-тите години, либерализацијата на абортусот создаде широк спектар на лични и колективни дилеми – и за жените, и за здравствените работници. Иако легалниот абортус се сметал за подобра опција од нелегалниот, лекарите и социјалните работници кои биле дел од комисиите за абортус генерално го прифаќале абортусот како нешто резервирано за жени во тешки социјални околности. Особено во случаи на прва бременост, тие се обидувале да ги обесхрабрат жените од таа одлука, бидејќи верувале дека може да има негативни последици врз плодноста на жената во иднина.
На пример, во Дубровник, комисијата категорично одбивала да дозволи абортус за мажени жени без деца. Кај немажените жени со прва бременост, комисијата дури делувала како посредник меѓу нив и нивните вереници:
„Секоја немажена апликантка без деца се повикува заедно со својот вереник на состанок со социјалната работничка, членка на комисијата, за да се одржи разговор кој ги испитува пошироките околности, зрелоста на врската и дали може да се помогне на друг начин, наместо со дозвола за абортус.“
Често биле вклучени и родителите на двојката, за да се види дали можат да понудат поддршка и да ги охрабрат да склучат брак. Мажени жени со „одлични социјални услови“, кои имале финансиска можност за уште едно дете, исто така биле охрабрувани да ја променат својата одлука.
Иако комисијата се обидувала да ги разбере „вистинските желби на жената, нејзината психолошка состојба, стравовите, притисоците на кои е изложена, сите внатрешни и надворешни фактори кои влијаат на нејзината одлука за прекин на бременоста“, абортусот сепак бил гледан како неопходно зло кое е најдобро да се избегне.
Сепак, многу жени ја користеле можноста за легален абортус. Но, ако се плашеле дека тоа ќе им наштети на финансиската состојба или приватноста, се одлучувале за нелегален абортус.
Децентрализираниот карактер на Југословенската федерација значел дека секој град и локална комисија имале различен пристап кон одлуките за абортус – толку различни што е тешко да се говори за една државна про-наталитетна или анти-наталитетна политика.
Локалните архиви покажуваат дека многу фактори – како достапноста на здравствени услуги, контрацепција, и локалните родови норми – влијаеле врз начинот на кој се обезбедувале услугите поврзани со абортусот.
Абортусот и женските работнички права
Од 1960-тите, абортусот добива масовна примена, особено кај работничките жени, кои немале пристап до детска грижа и морале да балансираат платена и неплатена работа. Жените имале повеќе абортуси и често страдале од гинеколошки заболувања како резултат.
Во 1963 година, во Белград се одржала голема конференција на тема прекин на бременост и контрацепција. Таму се зборувало дека бројот на абортуси значително пораснал, што предизвикало незадоволство кај лекари, но и загриженост од аспект на продуктивност – бидејќи жените, како дел од работната сила, често биле отсутни поради абортус.
Во фабриката “Раде Кончар” во Загреб, на жените им било дозволено да одмараат онолку денови колку недели траела бременоста – што намалувало компликации. Но во други делови, абортусите се вршеле во дневни болници без доволен период за опоравување. На конференцијата, еден лекар од Тетово изјавил дека жените од фабриката “Тетекс” не добивале доволен одмор по абортус. Една жена му кажала дека сопругот барал сексуални односи само неколку часа по интервенцијата. Овој случај ја отсликува перзистентноста на патријархалните структури, кои негативно влијаеле врз телата и здравјето на жените – дури и во услови на легализиран абортус.
Во 1969 година, Југославија го усвоила Резолуцијата за планирање на семејство, и станала активен член на Меѓународната федерација за планирање на семејство. Семејното планирање станало дел од државната политика, со цел Југославија да се прикаже како прогресивна и неутрална земја во Студената војна.
Но, како што покажуваат архивите, реалноста на теренот била многу покомплицирана – со влијание од патријархалните родови норми, тешките социјални услови и слабо развиеното јавно здравство, што ги ограничувало и жените и мажите во нивната способност да донесуваат слободни одлуки за контрацепција, абортус и репродукција.
Истражувањето покажува дека либерализацијата на абортусот во 1960-тите во Југославија создала бројни дилеми – како за жените, така и за медицинските работници. Иако легалниот абортус се сметал за неопходен за да се спречат илегалните абортуси, локалните лекари сѐ уште го доживувале како нешто што треба да се избегнува – особено при првата бременост – поради страв дека може да влијае врз плодноста на жената.
Жените често прибегнувале кон легален или нелегален абортус како резултат на: недостапна здравствена инфраструктура, недостаток на контрацептивни средства, тешки социјални услови и трајни патријархални норми.
Планирањето на семејството како човеково право
На Меѓународната конференција за човекови права во Техеран во 1968 година, светот за првпат формално го призна правото на секој човек да одлучува слободно и одговорно за бројот и временското растојание помеѓу своите деца.
Во член 16 од усвоената Техеранска прокламација стои:
„Родителите имаат основно човеково право да го одредат слободно и одговорно бројот и растојанието помеѓу своите деца.“
Ова беше првпат таквото право да биде јавно афирмирано во глобален договор, означувајќи клучен чекор во препознавањето на репродуктивната автономија како човеково право.
Вида Томшиќ и уставната рамка на СФРЈ
Кога станува збор за правната регулатива, намерата на законодавците била мошне прогресивна. Словенечката правничка и политичарка Вида Томшич, една од водечките теоретичарки за родова рамноправност и социјални политики во Југославија, го дефинирала правото на легален абортус не само како женско, туку и како класно прашање, постигнато преку борбата на женското и работничкото движење.
Томшич зборувала и од лично искуство – имала нелегален абортус во младоста додека била активистка во илегалната комунистичка партија, а и нејзината мајка, работничка, направила абортус по раѓањето на пет деца.
Во новата социјалистичка држава, нелегалните абортуси се гледале како наследство од капитализмот. Социјалистичкиот систем го промовирал планирањето на семејството и колективната грижа за мајки и деца, со цел секое дете да биде посакувано.
Во раните 1970-ти, Вида Томшич напишала дека планирањето на семејството во Југославија се базирало на идејата дека детето има право да биде посакувано, па затоа тоа немало ниту анти-наталитетен ниту про-наталитетен карактер:
„Ние им пристапуваме на луѓето како субјекти на нивните односи, како одлучувачи; им овозможуваме да научат за природните закони на биолошката репродукција и за можностите тие да се контролираат, со цел да се збогати нивниот емоционален живот и тие да бидат одговорни во нивните односи.“
(Томшич, 1975)
Уставот на СФР Југославија од 1974 година гласеше: „Тоа е право на човекот слободно да одлучува за раѓањето на деца. Ова право може да се ограничи само за заштита на здравјето.“
Случајот со поранешна Југославија покажа дека безбедниот абортус не е само медициснка процедура туку и прашање на достоинство, еднаквост и преживување.
Иако планирањето на семејството се смета за основно човеково право веќе повеќе од 50 години, тоа право и денес е нецелосно реализирано или директно загрозено во многу делови од светот. Многу луѓе, особено жени и млади, сè уште се соочуваат со ограничувања, дезинформации, недостапност на контрацепција или притисоци во одлуките поврзани со родителството.