Цената на јапонскиот ориз се има повеќе од удвоено во однос на минатата година, па се поголем број граѓани, и покрај високите царини, почнуваат да се ориентираат кон поевтини увозни алтернативи. Засега се увезени само две тони ориз, кои се продаваат преку интернет и во продавници, но јапонската јавна телевизија NHK најави дека во следните денови се очекува пристигнување на уште 20 тони.
Јапонците традиционално се скептични кон странскиот ориз. Така, на пример, тајландскиот ориз увезен по студеното лето во 1993 година се продавал тешко, но сегашната криза постепено ги менува навиките. Според агенцијата Yonhap, извозот на јужнокорејски ориз во Јапонија годинава би можел да достигне највисоко ниво од 1990 година наваму. Истовремено, се отвараат нови можности и за американските производители.
Сопственикот на ресторан во Токио, Арата Хирано, минатата година се префрлил на американски ориз откако домашните залихи пресушиле, а цените скокнале. За „Ројтерс“ изјави дека иако цената на калифорнискиот ориз се има удвоено, сепак останува поевтина опција. Гостите, вели, не забележале разлика, меѓу нив и Мики Нијеи, која дури подоцна дознала дека јадела американски ориз.
„Немав поим“, изјавила таа. „Не ми пречи да јадам увозен ориз. Цените се високи, па постојано барам поповолни опции.“
Брутален раст на цената на оризот
Во неделата до 6 април, просечната цена за 5 килограми ориз во супермаркетите достигнала 4.214 јени (околу 30 долари или 22 фунти), што е повеќе од двојно повисоко од истиот период минатата година. Владата затоа се реши на невообичаен потег – почна да ослободува залихи ориз од државните резерви. Во март беа пуштени 210.000 тони ориз на пазарот со цел да се забави растот на цените, кој е предизвикан од рекордни летни горештини, панично купување и проблеми во синџирите на снабдување.
Јапонија досега ги користеше резервите ориз само по природни катастрофи или лоша жетва, но ова е првпат да интервенира поради проблеми со дистрибуцијата. Сепак, ефектите се скромни.
Минатата недела Министерството за земјоделство призна дека логистичките проблеми спречиле повеќето од резервите да стигнат до продавниците. На аукцијата во средината на март биле понудени 142.000 тони, но до крајот на месецот само 426 тони, односно 0,3%, завршиле на полиците. Министерството вината ја препишува на недостигот на возила за испорака и времето потребно за подготовка на оризот за продажба.
Залихите ориз веќе беа значително намалени поради рекордно топлото лето што ја погоди жетвата во 2023 година. Минатата година дополнително се потрошија поради зголемената потрошувачка, поттикната од рекордниот број туристи, а состојбата дополнително се влоши со брановите панично купување поради предупредувања за тајфуни и земјотреси, што натера дел од трговците да воведат ограничувања во продажбата.