Зошто се случуваат фашистички напади во Нови Сад?

Фото: Мондо

„Црн овен“ во Нови Сад за тие што не го знаат можеби изгледа како едно обично кафуле, но сепак тој е многу повеќе од тоа. Од ова место веќе пет години се испраќаат пораки за солидарност и постојано се организираат акции за помош на луѓето, животните и за зачувување на животната средина. Меѓутоа, „Црн овен“ е и постојана мета на неофашистички организации кои физички ги напаѓаат вработените и гостите и го уништуваат инвентарот.

„Доколку ‘Црн овен’ беше само кафуле, јас прв немаше да се заниавам со тоа, како и никој од екипата. Тоа е место на солидарност, еднаквост, заедништво, каде се промовираат слобода за животните, луѓето и екологијата. Тоа е место кое е слободно за сите. Претставува простор на солидарност и слобода во градот. За жал, такви простори нема многу – ‘Црн овен’ и ‘Црна куќа’, се друго е под ‘капата’ на некој друг“ раскажува Бојан Шовлјански, сопственикот на „Црн овен“.

Претходник на ова место беше клубот „Црна овца“, кој постоеше цели 10 години.

Фото: Мондо

„’Црна овца’ се занимаваше со промоција на андерграунд супкултурата, неафирмираната култура и уметници, уметност која не можеше да го најде своето место во мејнстрим културата и мејнстрим институциите. На тој начин  ние им помагавме нив – им понудивме простор каде што може да одржуваат трибини, филмски вечери, концерти. Зад себе имаме преку 350 настани. Соработувавме со активисти, уметници од цел свет. Создадовме конекции и солидарни акции со луѓето од германските градови за помош на домашната сцена, правевме бенефит акции за собирање средства за овозможување на подобро функционирање на андерграунд културата кај нас“ раскажува Шовлјански.

Меѓутоа по 10 години, за време на пандемијата на КОВИД-19, финансискиот удар на пандемијата значеше и крај на постоењето на „Црна овца“.

Фото: Мондо

„Се работевме самоодржливо, водејќи се по филозофијата на живот do it yourself и мислам дека тоа е најдобриот начин да се направи нешто, бидејќи така се зачувува интегритетот и на организацијата и на поединците. Се разбира, некогаш работите мора да се прават преку институција – кога се бараше менување на законите, кога беше потребна некоја поголема промена во општеството – но за помалите работи кои ги правевме, се водевме исклучиво со ‘направи сам’ филозофијата. Преку солидарните фондови сами организиравме настани, кои потоа го полнеа тој ист фонд и на крај овозможивме развој на останати културни манифестации“ објаснува Шовлјански.

Фото: Мондо

Освен собирање помош за домашната сцена и техничка опрема, „Црн овен“ помогна и за креирањето на културната установа „Црна куќа“, што беше  еден од поголемите потфати и солидарна акција од 20 илјади евра, што не е мала сума да се собере со солидарност.

„Помагавме и во Турција после катастрофалните земјотреси, имаме солидарна кујна, отворена веганска кујна, помагавме на разни здруженија кои се занимаваат со промоција на правата на животните, кои се во незавидна ситуација во нашата земја. Функционираме така што секој месец се посветуваме на некоја друга организација и ја насочуваме нашата помош и работа кон некој друг. За жал има премалку месеци, а премногу организации на кои им е потребна помош, но се трудиме. Моментално помагаме на Солидарната кујна и СПАНС (здружение за заштита на животните)“ продолжува тој.

По се наведено се поставува прашањето како дојде до тоа ова место да стане постојана мета на напади од неофашистичките организации во Нови Сад.

„За да се разбере тоа мора да сфатиме дека проблемот е подлабок отколку нашата сегашна акција и борба за вистина, слобода и за основно право на воздух и храна. Начинот на кој ние делуваме не загрозува никој. Тоа што ние ја подигнуваме свеста за зачувува на Фрушка гора, шумите, зелените површини во Нови Сад или што се занимаваме со проблемот на луѓето кои немаат основни работи за живот, како храна и кров над глава – работи за кои јас мислам дека се нормални  и на некој начин патриотски, се разликува од нивното поимање на патриотизмот. А зошто воопшто тоа се случува е сигурно подлабок проблем, со кој нашата држава никогаш не се соочила во минатото, со злосторствата кои се случија во деведесетите, каде реториката на национализмот, насилството, постојано се повторува и на некој начин користи во политички цели, за јавноста да се држи во некој loop и да не се дозволи да се занимава со социјалните проблеми кои реално ги имаме, како што се водата, земјата, воздухот и храната“ вели Шовлјански.

Во регионот постојат повеќе од 20 неофашистички организации, од кои некои отворено ја комуницираат својата идеологија, објаснува Шовлјански и додава дека „Црн овен“ барем еднаш неделно е прелепен со налепници со ликовите на Хитлер, Мусолини, лидерите на Азов и нивните пораки.

„Во сите земји постојат такви луѓе, постои омраза, но не во таа мерка и се разбира адекватно се санкционира. Кај нас тоа не се санкционира или се санкционира млако преку некои прекршочни постапки. Нападите се класифицираат како кафански тепачки, што е језиво. Тоа што би требало да се класифицира како кривично дело – а носењето на обележја и припадност на неофашистичка организација мора да биде кривично дело – мора адекватно да се казнува, тие луѓе треба да се затворат, а организациите да се забранат. Меѓутоа, тоа не се прави и се уште имаме некои воени злосторници, кој служел 15 години затворска казна во Финска, осуден од Хаг, а пред месец дена предаваше во основно школо. Што ги учиме тие деца, ако покрај секое основно училиште имаме по еден Ратко Младиќ, ‘српски херој’? Најновиот тренд, што го имам забележано е дека основните школи се цртаат со графити со ликот на Аркан. Ако се тоа графити кои младите секој ден ги гледаат, а знаеме дека тие впиваат се, во какви личности ќе пораснат? Колку ќе бидат способни родителите, општеството или училиштата да ги извлечат од тоа и во која мерка, ако тие се трујат од сите страни – од медиумите, улицата, преку културата? Ние се бориме во супкултура, но тао е микро ниво“ вели Шовлјански.

Во изминатата година имало осум напади од страна на неофашистички организации врз „Црн овен“, но тие не се единствениот проблем со кој се соочуваат.

„Имавме и 13 инскепции во период од месец и пол. Во некои моменти имавме по три инспекции во дворот, што навистина не може да се издржи“ вели Шовлјански.

Фото: Мондо

Освен налепниците, неофашистичките групи комуницираат и со пораки во Телеграм групите, преку кои преземаат одговорност за нападите.

„И покрај тоа во 99 отсто од случаите не се казнуваат, дури и за најлошиот напад во јануари, кога бевме нападни со мачета и боксер, кој беше најстрашен. И за тоа не знаеме што ќе се случи“ вели Шовлјански.

Во јануари пред десет сведоци, група неофашисти вооружена со мачета, палки и метални боксери се обидела да упадне во објектот. За време на нападот повредени биле две лица. Полицијата тогаш привела тројца млади луѓе од Нови Сад на возраст од 21, 22 и 23 години. Против нив биле поднесени пријави за насиличко однесување и им била изречена забрана за приближување до објектот.

„Мој пријател остана со лузна преку целата рака. Неколку часа по нападот имавме промена во наративот, дека тоа се ‘момчиња кои малку се напиле во градот, дека не мислеле ништо лошо, дека еден од нив е спортист’. Ние дознавме дека еден од нив тепал девојка и добил забрана за пристап. Не се тоа некои добри деца, да не се лажеме. Тоа се се проблематични млади кои влегле во некои навивчки води и можеби за неколку илјади динари прават вакви работи за некој позади нив, кој не сака да ги валка рацете“ вели Шовлјански и додава дека надлежните органи се обидуваат да го намалат значењето на тој напад.

„Се разбира дека секогаш се иззема тој момент кој е важен, дека имаа неофашистички обележја, кои не ги ни криеја и тоа не се класифицира како дело од расна, верска и национална нетрпеливост, туку како обична тепачка. И тука е проблемот – едноставено немаат храброст така да го карактеризираат и затоа завршуваме со смешни казни, да седат дома три месеци, играат Сони Плејстејшн, наместо да одлежат  неколку месеци во затвор или да добијат десетина илјади евра казна, па да размислат малку повеќе за животот. Вака добиваат аплауз од својата група, која ги смета за херои. Проблемот од правен аспект е многу важен. Еве и рватска го промени неодамна законот за неофашистите, како и повеќето земји во Европа. Значи тоа мора да се класифицира како кривично дело, не може да биде прекршочно“ објаснува Шовлјански.

Покрај тоа, се случува и кафулето како правно лице да добие прекршочна казна од 500 евра, на која се жалат, па поради тоа и тој износ се зголемува. Но освен што е физички нападнат, Шовлјански често се среќава и со прболеми поради неговиот изглед.

„Ќе добијам неколку удари, да не кажам ќотек, затоа што застанувам на врата во такви ситуации и ги штитам луѓето кои се позади мене. Ќе викнеме полиција, ќе дојдат, ќе погледнат и доаѓаме до моментот на дискриминација кога ќе ме видат истетовиран и одиме во полициска станица. Три пати завршив во притвор, еднаш во затвор во претходните година и пол и плаќав казни повеќе од напаѓачите, иако секогаш покажувам 0,0 алкохол, секогаш имам сведоци, но институциите, за жал, ги бранат насилниците“ вели Шовлјански.

Последици трпат и блиските на нападнатите бидејќи не може да се изолира од тоа. За настаните известуваат медиумите, а и физичките повреди се гледаат. Сите овие настани го привлекоа вниманието на јавноста, медиумите, но и припадниците на дипломатскиот кор, па неодамна „Црн овен“ го посетија претставници на амбасадите на Холандија и Германија, меѓу кои беше и германската амбасадорка Анке Конрад. Тие сакаат да дадат поддршка на „Црн овен“.

„Голем број на организации и луѓе сакаат да не поддржат. Луѓе од амбасадата на Холандија и Германија не контактираа. Тоа ни е сосема во ред, за да извршиме некаков вид на општествен притисок на институциите за конечно да се занимаваат со овој проблем. Беа тотално коректни, разговаравме за проблемите и правните аспекти – што и најмногу ги интересираше, како и што точно ние правиме. Исто така, амбасадорката, колку што разбрав, е од Источна Германија, па не ѝ се чудни неофашистичките организации, бидејќи и таму имаа сличен проблем“ вели Шовлјански.

Дека растот на неофашистичкиот наратив и историскиот ревизионизам е присутен во целото општество зборува и фактот дека во Нови Сад властите се обидоа да подгинат споменик на невините жртви од 1944 и 1945 година. Помеѓу тие „жртви“ се наоѓаат и колаборационистите и унгарските фашисти.

Фото: Мондо

„Знаеме што се случувало во 1944 и 1945 година. Во тие години Нови Сад, Србија и остатокот од Европа се ослободија од фашизмот. Ако ги поставите така работите, да реферирате на жртвите од периодот на ослободување од фашизмот, тоа значи дека вашата намера со тоа е да ги рехабилитирате оние од кои оваа земја се ослободувала“ вели социологот  и антифашист Милош Перовиќ.

Списокот на наводните жртви го направила Комисија за тајни гробници убиени по 12 септември 1944 година и тој е јавен, се наоѓа на нивната веб страница.  Во рок од два часа историчарите со кои Перовиќ соработувал, пронашле 20 луѓе кои отворено соработувале со окупаторот и кои биле унгарски фашисти.

„Таа комисија работеше неколку години и состави список од речиси 2 илјади луѓе. Со таа комисија раководеа неколку ревизионистички историчари, меѓу кои сигурно е најпознат Срѓан Цветковиќ, еден од најистакнатите ревизионисти во Србија денес. Со самото тоа што знаете кои биле членови на комисијата, веднаш сфаќате за што тука се работи. Тоа беше основата на она што потоа се виде, а разоткривањето на нивниот список го направија неколку лица од чисто доброволни причини, додека, од друга страна, тие списоци беа составени од комисија која ја плаќаше државата и работеше неколку години“, објаснува Перовиќ, кој не спори дека во периодот 1944/45 година имало невини жртви:

„Тоа беше процес на ослободување во сите земји во Европа. Се случуваа и спонтани одмазнички акции кои потоа беа запрени од врвот на командниот ланец, во што е и најважната разлика помеѓу фашистичките злосторства и злосторствата на оние кои ги ослободуваа земјите во Европа од фашизмот“.

Фото: Мондо

Благодарение на пронајдоците на историчарите, како и на јавноста во Нови Сад која отворено се побуни и организираше бројни протести против овој споменик, неговото поставување е одложено.

„Според мене, причината за откажувањето од споменикот е што помеѓу членството, но и раководството на Српската напредна партија тоа не е популарно. Тоа не го прават од некое лично убедување, туку поради политичка трговија со режимот на Виктор Орбан во Будимпешта, со кој се поврзани и со кој имаат бројни коруптивни зделки“ вели социологот.

Со Перовиќ се согласува и професорката Дубравка Стојановиќ, управителка на Одделот за историја на Филозофскиот факултет во Белград, која објаснува каква порака испраќа иницијативата за подигнување на споменикот, кој бил претставен како чин на помирување.

„Таа идеја за помирување е многу стара, започнала во осумдесетите години, во деведесетите веќе била пристуна во јавноста. И тоа фино звучи, зошто да не има помирување? Тоа ќе биде добро за нашето поларизирано општество. Меѓутоа, какво е тоа помирување, кој се смирува? Тука се смируваат тие кои се бореле против окупаторот, со оние кои соработувале со него. Повторно се враќаме на приказната за четниците и партизаните или за усташите и партизаните во Хрватска. Тоа пред се била идеја на дијаспората која произлегла од тие соработници од Втората светска војна. Како што знаеме, еден од најдобрите пријатели на Вучиќ е Орбан, а и во власта на Вучиќ има унгарски партии од Војводина, кои се екстремна десница. Поради тоа интересот е не да дојде до помирување, него да победат тие кои соработувале со окупаторот. И овој споменик е само еден дел од таа подлабока ревизија која во Војводина се гледа на еден поинаков начин“ вели професорката Стојановиќ.

Војводина има своја специфичност во тоа што за време на Втората светска војна немала четници, но имала унгарска окупација.

„Тука имаме и меѓудржавна димензија за подигнување на тој споменик, што е дополнително скандалозно, бидејќи кога подигнувате споменик не само на домашните колаборационисти, туку и окупаторите, тоа е чекор во правец на целосна промена на наративот за Втората светска војна“ објаснува професорката Стојановиќ.

Според неа има повеќе причини за враќање на фашизмот, особено во Нови Сад и дека тие се секогаш длабоки, општествени и економски.

„Ние имаме огромен дел од општеството кој многу изгуби во транзицијата, кои не знаат или нема што да прават, некои не знаат каде ова земја се движи, што се тие, нивните деца…Тоа огромна општествена несигурност е секогаш добар телем за фашизам. Кога на тоа ќе се додаде и ваков тип на историска ревизија, тогаш имаме еден лесно запалив микс, од кој се плашам дека не знам како ќе се извлечеме“ додава професорката Стојановиќ.

Перовиќ повеќе од 20 години е активен антифашист и внимателно следи што во тоа време се случувало во општеството, во кое вели дека се случува процес на зацврстување на националистичкиот наратив како владејачка идеологија.

Фото: Мондо

„Тоа е процес кој трае 30 години и кој кулмунираше со власта на поранешните радикали кои се нарекуваат Српска напредна партија. Тоа што е различно во однос на почетокот на 2000-тите е што ние, низ целиот тој период, имавме веронаука во училиштата и имавме градење на една национална митологија. Кога го кажувам тоа мислам на тие митологии кои се однесуваат на биките на Кошара и такви работи, кои до пред 2-3 години воопшто не се споменуваа. Постојат истражувања на медиумски содржини до 2018 и по 2018 – колку тоа се споменувало во медиумите и од тоа може да се види на кој начин е креирана таа национална идеологија. Во таа смисла, дека во периодот од 20 години беше возможно преку школскиот систем, некои од оние стари вредности кои важеа во социјалистичка Југославија, чиј составен дел беше антифашизмот, да допрат до поединецот, денес тоа е невозможно. Младите луѓе преку социјализацијата и преку образовниот систем се изложени на радикализација. Тоа е главниот проблем. Не се проблем супкултурните десничарски групи кои постојат во секое општество во Европа, туку проблем е тоа што се диктира од врвот, односно од државните структури. Доаѓате во ситуација кога против тој проблем е невозможно да се изборите“ објаснува Перовиќ.

Имајќи го ова во предвид и живеејќи под постојани закани и напади, Бојан Шовлјански открива што го мотивира и понатаму да се бори и да не се откажува од својот активизам и начин на живот.

„Љубовта кон животните, кон луѓето, вербата во подобро утро, во нашето подобро општество, подобар град, во одговорноста кон минатото. Кога ќе успееме да помогнеме на некоја солидарна организација, да си помогнеме едни на други – тоа се работите поради кои постоиме и тоа е најдоброто нешто. Важно ми е да нагласам дека ние подеднакво ги цениме како луѓето, така и животните. Не правиме ништо од инает, од омраза, туку од љубов. Додека тоа има смисла, додека има луѓе како нас, ние ќе работиме, иако ни се загрозени животите, иако мене ме следат на улица, ме следеа и од последниот процес. Исто така, пред два дена ми дофрлуваа од автомобил, ми пцуеа мајка. Тоа што ми е најтешко е когаќ е ми пратат пораки дека ќе завршам фрлен во Тиса, со оглед на тоа што сум од Шајкаш. Мојот крај пропати многу во Новосадската рација, а рацијата исто така се случила и во Шајкаш, каде настрадале преку три илјади луѓе. Ние сме потомци на Стеван Бабе, Тоза Марковиќ. Во куќата на моите претци се основани ‘Слободна Војводина’, а подоцна и ‘Дневник новосадски’. Премногу пропатевме поради фашизмот во минатото, па не смееме да дозволиме, како општество, таквите идеи да победат, кога веќе толку многу луѓе ги дале своите животи. Одговорноста ни е преголема“ заклучува Шовлјански.

Извор: EURACTIV  

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни