Во телото постојат илјадници биохемиски процеси што не сме свесни дека се случуваат, но директно влијаат на тоа како се чувствуваме и како се однесуваме. Еден од најважните невротрансмитери, хемиски „гласници“ што ги пренесуваат сигналите помеѓу нервните клетки во мозокот е допаминот. Често се нарекува „хемикалија на среќата“, но допаминот игра многу поширока и подлабока улога во нашиот живот.
Што е допамин?
Допаминот е супстанција што ја произведува мозокот, и се користи за комуникација меѓу нервните клетки. Тој не само што е поврзан со чувството на задоволство, туку влијае на мотивацијата, учењето, вниманието, расположението, донесувањето одлуки и дури на моторната контрола. Секој пат кога правиме нешто што ни носи задоволство: јадеме вкусна храна, слушаме добра музика, добиваме комплимент или постигнуваме цел, нашиот мозок ослободува допамин.
Оваа хемиска реакција не е случајна: допаминот го наградува однесувањето што води кон позитивен резултат и нè мотивира да го повториме. На пример, ако се чувствуваме добро откако сме спортувале, допаминот ја „запишува“ таа активност како корисна, па сме подготвени да ја направиме повторно.
Допамин и мотивација
Една од најважните функции на допаминот е во мотивацискиот систем на мозокот. Се вели дека допаминот не е одговорен за чувството на задоволство, туку за очекувањето на тоа задоволство. Тој нè поттикнува да се стремиме кон цели, да учиме нови вештини и да бараме нови искуства.
Затоа, кога сме возбудени за нешто што допрва доаѓа — како патување, состанок или нов проект — допаминот е тој што го активира ентузијазмот. Без доволно допамин, луѓето често чувствуваат апатија, недостаток на енергија и намалена мотивација.
Допамин и секојдневни навики
Интересно е што допаминот е поврзан и со формирањето навики. Кога мозокот поврзува одредено однесување со позитивен резултат, тој автоматски нè насочува да го повторуваме. На пример, чувството на задоволство по чаша кафе, гледање омилен серијал или играње видео игри е резултат на допаминско ослободување.

Но постои и „темна страна“. Прекумерната стимулација, преку технологија, шеќер, брза храна, социјални медиуми може да доведе до зависност. Во тие случаи, мозокот постојано бара допамински „хит“, што може да резултира со немир, нетрпеливост и потешкотии при фокусирање.
Допамин и ментално здравје
Нарушеното ниво на допамин е поврзано со низа психолошки состојби. Ниски нивоа често се забележуваат кај лица со депресија, Паркинсонова болест и синдром на дефицит на внимание. Луѓето може да имаат чувство на празнина, замор, проблеми со концентрација и недостаток на интерес.
Од друга страна, прекумерна допаминска активност е поврзана со манија, импулсивност или дури психотични симптоми. Балансот е клучен, допаминот не треба да биде ни премногу ни премал, за да може телото и умот да функционираат хармонично.
Како да го поттикнеме допаминот природно?
Постојат неколку здрави и едноставни начини преку кои можеме да го зголемиме нивото на допамин:
Физичка активност: Вежбањето поттикнува ослободување на допамин и други „хормони на среќата“.
Здрав сон: Недостатокот на сон го нарушува допаминскиот баланс.
Исхрана богата со тирозин: Тирозинот е аминокиселина што помага во синтеза на допамин. Го има во јајца, риба, млеко, банани и јаткасти плодови.
Медитација и благодарност: Праксата на благодарност и свесност може да ја поттикне емоционалната стабилност и допаминската активност.
Постигнување мали цели: Секојпат кога постигнуваме нешто, па дури и мала задача, мозокот реагира со допамин.
Допаминот е суптилен, но моќен хемиски гласник кој игра централна улога во нашиот живот. Тој нè поттикнува да се стремиме кон подобрување, ни дава чувство на награда и ни помага да учиме и растеме. Во денешниот свет, каде сме постојано бомбардирани со информации и стимулации, важно е свесно да го негуваме природниот допамински баланс. Со здрави навики, добра исхрана и позитивно размислување, можеме да му помогнеме на мозокот да создава допамин и со тоа да живееме поздраво, посреќно и поенергично.