Зелен хуман град: Рударските концесии се форма на неоколонијализам, ‘Доста си копавме црни гробови за туѓи бели дворови!’

ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. се противат на Стратегијата за рударство изработена од МАНУ заедно со наводната Оцена на влијанието врз животната средина.

Тие во своето соопштение до јавноста наведуваат дека, во Стратегијата треба да се вклучат и други мерки.

„Поттикнати од уништувањето на животната средина, кршењето на човековите права и неодржливите практики на екстракција поврзани со рударството, инсистираме во Стратегијата да се вклучат конкретни мерки за постепена елиминација на рударството во Македонија и негова замена со еколошки поприфатливи алтернативи. Елиминацијата на рударството како гранка е можеби смела, но сè порелевантна цел имајќи ги предвид долгорочните последици што ги предизвикува, од кои голем дел се безмалку неотстранливи“, пишува во соопштението.

Тие посочуваат дека иако оваа цел е можеби подалечна, сепак постојат начини значително и постепено да си ја намалиме зависноста од рударството преку спроведување на следниве практики:

1. Урбано рударство и рециклирање

– Електронскиот отпад и старата инфраструктура се богати со вредни метали како на пример, злато, бакар, литиум и реткоземни елементи.

– Технологиите со кои се овозможуваат ефикасна екстракција и прочистување на овие материјали од отфрлените производи може драстично да ја намалат потребата од рударство на места каде што тоа никогаш претходно не се практикувало.

– Пример: Компании веќе развиваат системи за екстракција на литиум и кобалт од искористени батерии со голем успех и ниска потрошувачка на енергија.

2. Циркуларност

– Реобмислување на производството со тоа што ќе се дизајнираат производи што ќе бидат долговечни, поправливи и повторно употребливи.

– Стандардизирање на компонентите за лесно да може да се реискористуваат.

– Задолжително воведување одговорност на производителот за рециклирање на производите на крајот од нивниот животен век.

3. Напредни техники на производство

– 3D печатењето и производството на адитиви го намалуваат отпадот од разновидни типови материјали и можат како суровина да користат рециклиран отпад.

– Постојат техники, како на пример, молекуларно рециклирање, кои овозможуваат прецизно разградување и обнова на материјалите.

4. Замена на материјали

– Истражувањето на алтернативни материјали (на пр. електроника базирана на јаглерод, биоразградливи полимери, графен) може да замени многу разновидни примени на металите.

– На пример, замена на реткоземните магнети со феритни или развој на натриум-јонски батерии како алтернатива на литиум-јонските.

5. Политики и пазарни сили

– Силна регулација на рударството и субвенции за рециклирање и развој на зелени технологии.

– Јаглеродните давачки и еколошките такси може да ја поместат економската рамнотежа и да ја покажат вистината за загадувачките индустрии – дека се неисплатливи.

– Меѓународна соработка за да се спречи рударството да се префрла во помалку регулирани региони.

Накратко, рударството може во голема мера постепено да се елиминира со комбинирање на технолошки иновации, промена на политиките и економски стимулации за да се даде приоритет на рециклирањето, повторната употреба и приоритетното инвестирање во еколошки прифатливи алтернативи.

„Се противиме на секаков обид да се претстави како Оцена на влијание врз животната средина документ кој во суштина е само алатка за прикривање на вистинските последици од Стратегијата за рударство и инструмент за нејзино аминување со сите недостатоци и последици што ќе ги предизвика по нашето здравје и животи. Оцените за влијание врз животната средина се и меѓународно препознаени како слабости во македонската регулатива. Европската комисија директно укажува на про форма оцените на влијанието врз животната средина што се изработуваат во Македонија“, оценуваат невладините организации.

‘Доста си копавме црни гробови за туѓи бели дворови!’

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни